Фон дер Лејен: ЕУ ќе организира конференција поради руското киднапирање на деца од Украина

од Stefanija Kuzmanovska
143 прегледи

Европската унија ќе организира конференција за лоцирање на децата од Украина кои беа киднапирани од страна на Русија и ќе ги врати во нивната татковина, најави во Брисел претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.

„Тоа е страшно потсетување на најмрачните периоди од нашата историја, на депортациите на децата кои се случуваат таму. Тоа е воено злосторство“, изјави претседателката на ЕК по самитот во Брисел. „Знаеме дека 16.200 деца беа депортирани, само 300 од нив беа вратени“, рече таа.

„Во партнерство со Украинците, полскиот премиер Матеуш Моравјецки и јас покренавме иницијатива за враќање на децата киднапирани од Русија“, рече Фон дер Лејен на прес-конференција.

„За таа цел ќе организираме конференција. Сакаме да извршиме меѓународен притисок за да ги преземеме сите можни мерки за пронаоѓање на овие деца“, изјави претседателката на ЕК во Брисел по завршувањето на првиот ден од дводневниот самит на 27-те земји-членки на Унијата.

Руските власти тврдат дека спроведуваат хуманитарна операција

На редовниот пролетен состанок кој започна со работен ручек со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш за клучните геополитички и глобални предизвици, лидерите на земјите-членки на ЕУ во четвртокот ја поддржаа одлуката за итно испраќање милион парчиња артилериска муниција во Украина преку заедничка набавка.

Минатата недела Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин под обвинение дека е одговорен за нелегална депортација на деца и илегално пренесување на луѓе од територијата на Украина во Руската Федерација.

МКС, исто така, издаде налог за апсење на Марија Алексеевна Лвова-Белова, руски комесар за правата на децата, по истите обвиненија. Русија никогаш не го криеше фактот дека однесе илјадници украински деца во Русија, што го оправда со спроведување на хуманитарна акција за заштита на сирачиња и напуштени деца во зоната на конфликтот.

Украина, од друга страна, тврди дека илјадници депортирани украински деца се посвоени од руски семејства, сместени во кампови и сиропиталишта, дека на децата им се даваат руски пасоши и се воспитуваат да го отфрлат украинското државјанство.

Слични содржини