Фон дер Лејен: Исчекорите што ги преземаат С. Македонија и Албанија се многу важни, стабилноста на Западен Балкан е европска стабилност

од Vladimir Zorba

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен денеска изјави дека просперитетот на Западен Балкан целосно зависи од неговата интеграција во остатокот од Европа.

На почетокот на дводневниот Бледски стратешки форум во Словенија, Фон дер Лејен рече дека ЕУ ќе продолжи да го поддржува Западен Балкан.

„Исчекорите што ги преземаат Северна Македонија и Албанија се многу важни. Нека нема сомнеж, нашите пријатели од Западен Балкан се дел од нашето европско семејство. Просперитетот на Балканот целосно зависи од неговата интеграција во остатокот од Европа. Најважно е дека луѓето од Западен Балкан во огромно мнозинство сакаат да се приклучат на Европската унија“, рече Фон дер Лејен, цитирана од „Бета“.

Таа изјави дека во изминатите неколку години има забавување на процесот на проширување на ЕУ, но дека Унијата има јасен стратешки интерес сите земји од Западен Балкан да го продолжат својот пат кон членство.

„Стабилноста на Западен Балкан е европска стабилност, а просперитетот на Западен Балкан е исто така европски“, изјави претседателката на Европската комисија.

Таа, исто така, укажа на важноста на стратешките активности за зајакнување на сопствениот и слабеењето на рускиот капацитет за дејствување, зајакнувањето на демократијата во контекст на Украина и Западен Балкан, како и на неопходните глобални активности за зајакнување на системот заснован на правила.

„Првенствено мислам на ставање крај на нашата зависност од нечистото руско фосилно гориво. Работиме на тоа и го диверзифицираме нашето снабдување“, додаде таа.

Бледскиот стратешки форум годинава се одржува под наслов „Владеењето на моќта или моќта на правилата“, а во фокусот на состанокот е војната во Украина и нејзините последици.

Слични содржини