Фон дер Лејен: Украина не се бори само против освојувачите, туку и за Европа

од Stefanija Kuzmanovska
237 прегледи

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен денеска се залагаше за тоа дека Европската унија (ЕУ) треба да обезбеди голема финансиска поддршка за Украина и силно да ја поддржи кандидатурата на Киев за пристапување во ЕУ.

Таа зборуваше во пресрет на, како што се смета, клучниот самит на европските дваесет и седум, в четврток и петок, на кој ќе се одлучува дали Унијата ќе го одобри почетокот на пристапните преговори со Украина, како и европската помош од 50 милиони евра во вид на подароци и заеми.

„Треба да ѝ го дадеме на Украина она што ѝ треба за да биде силна денес, да биде посилна утре, во време кога се преговара за праведен и траен мир“, рече Фон дер Лејен пред пратениците во Европскиот парламент во Стразбур.

Во време кога војната се пролонгира, треба да докажеме што значат нашите зборови дека ќе ја поддржуваме Украина „колку што е потребно“, нагласи таа.

„Украина не се бори само против освојувачите, туку и за Европа. Приклучувањето кон нашето семејство би било најголема победа за Украина“, подвлече Фон дер Лејен, додавајќи дека ЕУ треба да одигра „одлучувачка улога“ за тоа.

Според неа, ЕУ треба да гарантира стабилно и суштинско финансирање на Украина во следните четири години, што, како што истакна, ќе им даде доверба на инвеститорите и ќе им даде надеж на украинските борци.

Сепак, унгарскиот премиер Виктор Орбан, единствениот лидер на ЕУ кој одржува блиски врски со Кремљ од почетокот на руската инвазија, се заканува дека ќе ги блокира клучните одлуки на ЕУ во врска со Украина.

Во надеж за отстранување на унгарската блокада, Европската комисија денеска треба да одлучи да ослободи уште 10 милијарди евра за Будимпешта. Тоа предизвика бурни реакции во Европскиот парламент, каде европратениците се загрижени дека Брисел ќе „попушти пред уцените“ на националистичкиот унгарски лидер.

Слични содржини