Поранешниот премиер Зоран Заев попладнево објави дека преку Фондацијата “Заев – Едно општество за сите” испратени се 20 тони производи македонска хуманитарна помош за војската и за цивилното население во Украина.
-Помошта ја доставивме во координација со Горениук Олександр, пратеник во Парламентот на Украина. Помошта пристигна во Одеса, стратешка позиција на демократска Украина, но и град од каде нашиот Крсте Петков Мисирков дејствуваше за македонските работи, информира Заев на својот Фејсбук профил.
Според поранешниот премиер, оваа помош ќе биде придонес кон заштитата на украинското население кое е под воената агресија од страна на Русија.
-Поддршката на независноста и суверенитетот на Украина и осудата на руската воена инвазија е наша јасна позиција како припадници на западниот, демократски и мирољубив свет, порача Заев.