Франција и Италија нема да учествуваат во новата иницијатива на НАТО за финансирање на испораките на американско оружје на Украина, објавија „Политико“ и италијанска „Ла Стампа“, повикувајќи се на неимменувани владини функционери во двете земји.
Иако долгогодишен поддржувач на Украина, Франција решила да не учествува во овој план претставен на средбата на претседателот на САД, Доналд Трамп и Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте во Вашингтон во понеделникот. Според тој план, НАТО ќе купува напредно американско оружје, вклучувајќи и системи за противвоздушна одбрана, а дел ќе биде испорачан на Украина.
Според двајца неименувани француски функционери, Франција одбила да учествува во иницијативата оти претседателот Емануел Макрон се залага за јакнење на европската воена индустрија преку купување оружје произведено во Европа. Франција исто така се соочува со буџетски ограничувања поради зголемувањето на целите за одбранбена потрошувачка во време на економска криза, пишува „Политико“.
И ставот на Италија е сличен. Според „Ла Стампа“, италијански функционери исклучиле купување американско оружје, повикувајќи се на фискални ограничувања и на фокусот на земјата, кој е на други воени технологии – на пример, италијанско-францускиот систем за противвоздушна одбрана (ПВО) „SAMP/T“, кој веќе ѝ е испорачан на Украина.
Од италијанското Министерство за одбрана нагласуваат дека таа одлука не смее да се гледа како недостиг на поддршка на Украина, туку како повик за пронаоѓање алтернативни начини за придонес во заедничките напори.
Сепак, Италијанците сакаат да дадат придонеси и во новата замисла на НАТО – со логистика, односно превоз на американско оружје за Украина – било по морски, воздушен или копнен пат. Но точните размери на италијанското учество во ваков транспорт допрва треба да се прецизираат.