Француски европратеници иницираат гласање недоверба на Еврокомисијата поради договорот со САД

од desk2
12 прегледи

Деветмина европратеници од редовите на француската левичарска партија Бунтовна Франција (La France insoumise LFI) најавија нова иницијатива за изгласување недоверба на Европската комисија, овој пат поради постигнатиот трговски договор меѓу ЕУ и САД.

„Европската комисија се согласи да се потчини на САД, на Доналд Трамп. Но, делегацијата на LF го отфрла ова. Предлагаме со другите левичарски групи заеднички да поднесеме предлог за соборување на Комисијата на Фон дер Лајен“, наведе во објава на Икс европратеничката од LFI, Манон Обри, која е претседател на пратеничката група Левица во Европскиот парламент.

Во иницијативата на LFI се наведува дека откако „го жртвуваше европското земјоделство на олтарот на слободната трговија со Меркосур и предложи буџет за 2028-2034 година фокусиран на воената економија и уништувањето на кохезивните политики“, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен презема „нов чекор во потчинувањето на Европската Унија на американските диктати“.

Делегацијата на LFI предлага сите левичарски групи во Европскиот парламент заеднички да поднесат предлог за изгласување недоверба, за да се стави крај на Комисијата на Урсула фон дер Лајен, се додава во иницијативата.

Ова е втора иницијатива за изгласување недоверба на Европската комисија, откако првата предложена од романскиот десничарски европратеник Георге Пипереа беше отфрлена со големо мнозинство на почетокот на месецов.

За ваква иницијатива да се најде на расправа на пленарна седница на Европскиот парламент потребна е поддршка на најмалку 72 европратеници, но бидејќи овој пат таа доаѓа помалку од два месеци по претходниот таков предлог, иницијативата на LFI треба да биде поддржана од најмалку 144 европратеници.

Според извори во ЕП, за иницијативата на пратениците на ЛФИ се уште не е дискутирано ниту во рамки на групата Левица, на која тие ѝ припаѓаат.

Слични содржини