Францускиот суд му го укина притворот на Павел Дуров и го закажа првото рочиште

од Vladimir Zorba
49 прегледи

Истражен судија му го укина полицискиот притвор на извршниот директор на Телеграм, Павел Дуров и му нареди да се појави во судот на првото сослушување и можното обвинение, соопшти обвинителството во Париз, откако Дуров беше приведен под обвинение дека неговата апликација за пораки била користена за нелегални активности.

Дуров беше приведен во саботата на аеродром во близина на Париз, како дел од судската истрага за 12 наводни кривични дела, започната минатиот месец, јавува „Франс 24“.

Тој е роден во Русија и има француско државјанство и се соочува со обвинувања дека неговата платформа се користи за споделување материјали за сексуална злоупотреба на деца и за трговија со дрога, измама и олеснување трансакции за организиран криминал.

Телеграм, наводно, одбил да им предаде информации или документи на истражителите кога тоа било потребно со закон.

Францускиот претседател Емануел Макрон во понеделникот изјави дека апсењето на Дуров не е политички мотивирано, туку дека тоа е независна истрага.

Дуров има и државјанство на Обединетите Арапски Емирати, кои во вторникот објавија дека „внимателно го следат случајот“ и побараа од Франција „итно да ги обезбеди потребните конзуларни услуги“ на Дуров.

Слични содржини