Француски дипломати не го потврдуваат предлогот лиферуван во македонските и бугарските медиуми

од Vladimir Zorba
173 прегледи

Француските дипломати во Брисел одбиваат да кажат официјално дали предлогот објавен во бугарските и македонските медиуми е автентичен, јави дописничката на МИА од Брисел.

Во текот на последните неколку дена повеќе документи беа објавени во Бугарија и Северна Македонија, меѓу нив е новата преговарачка рамка, која доколку е прифатена од сите страни би била усвоена на 23 јуни на Европскиот Совет. Оваа рамка наводно ги интегрира француските предлози дадени во Софија, и за кои Скопје официјално вели дека не ги добил.

Во однос на овој наводен француски предлог, дипломатите од таа земја во Брисел велат дека не можат да ја потврдат неговата автентичност. Во другите земји членки на ЕУ – сличен молк за сега. За потсетување, новата предлог рамка, треба да биде одобрена од сите 27 земји членки и од Северна Македонија.

Политичката ситуација во Бугарија е таа што највеќе загрижува во моментов во ЕУ.

-Се води интензивна и политичка работа бидејќи ситуацијата е неправедна за Македонците. Во однос на суштината не сме далеку, но проблемот е политичката ситуација во Бугарија која е многу влошена, во ситуација сме да треба да брзаме во момент кога владата таму може да падне, вели за МИА дипломат од влијателна западна земја членка на ЕУ.

За содржината пак на предлогот кој е лиферуван во медиумите во Брисел никој не коментира и сите дипломати упатуваат кон нивните престолнини, каде ќе се носат одлуките на национално ниво дали оваа нова предлог-рамка е прифатлива.

Не се исклучува можноста сама земја членка на ЕУ да ја отфрли дури и ако Бугарија и Северна Македонија ја одобрат.

Слични содржини