Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж се осврна на најновите вести кои што доаѓаат од Франција во врска со поврзаноста на Николас Саркози и Моамер Гадафи.

Асанж на својот профил на социјалната мрежа Твитер се осврна на текстот кој што го објави британски „Дејли Мејл“ пред шест години, а во кој беше наведено дека поранешниот либиски претседател Моамер Гадафи бил убиен од страна на припадник на француската тајна служба по наредба на тогашниот претседател Саркози.
Тој истакна дека тие тврдења кои што за прв пат се појавија во јавноста во 2012-та година треба да бидат повторно проверен после неодамнешното отворање на истрагата за Саркози и неговата „пасивна“ корупција – односно примањето на милиони евра од Гадафи за неговата изборна кампања.

„Мотивот беше Гадафи да биде отстранет за да не биде испрашуван поради наводните сомнителни врски со Саркози. Претходно францускиот претседател го нарече „братски лидер“, а се зборува дека добил милиони од либискиот лидер за да ја финансира својата претседателска кампања во 2007-ма година“, изјави основачот на Викиликс, Џулијан Асанж и додаде:
„Со Моамер Гадафи беше близок и поранешниот британски премиер Тони Блер. И тука имаше приказни за големи пари“, изјави Асанж.
Британски „Дејли Мејл“ тогаш пишуваше дека британските и француските „воени советници“ биле во Либија за време на превратот кој што заврши со симнување од власт и брутално убиство на Моамер Гадафи.
Привремениот претседател на Владата на Либија, Махмуд Џибрил исто така откри дека еден странски таен агент се инфилтрирал меѓу револуционерите со цел да го убие Моамер Гадафи.
