Фрчат казни за несовесни возачи: 909 санкционирани за само еден ден

од Nikola Popovski
96 прегледи

Во текот на вчерашниот ден, полицајци од сите сектори за внатрешни работи издале вкупно 909 платни налози по основ на прекршоци сторени според одредбите од законите за безбедност во сообраќајот. Од МВР информираат дека истовремено, во текот на вчерашниот ден наплатени беа и 451 издадени платни налози. Во рамки на контролите најголем дел од прекршоците се однесуваат на непочитување на нормите поврзани со пречекорување на брзината на движење – 270, како и непрописното паркирање – 222,

-Додека пак, веднаш зад овие неправилности следат прекршоците по основ на непоседување на возачка дозвола – 73; потоа некористење на сигурносен појас – 64; како и прекршоци по основ на забрането користење на мобилен телефон при возење – 41. Инаку вчера во 10 случаи детектирани се возачи кои што управувале под дејство на алкохол, а пак согласно Законот за возила биле евидентирани 15 технички неисправни како и 14 нерегистрирани возила, информираат од полицијата.

Од 5.444 полициски контроли извршени во претходните пет дена во Скопје, констатирани се прекршоци кај 2.592 лица, соопшти вчера министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Според бројките, речиси секој втор проверен сторил некаков прекршок. Според Тошковски, полицијата ќе продолжи со засилените контроли, но ги повика граѓаните „да бидат посовесни“ бидејќи главната цел „не е да се казнуваат луѓето и да се полнат буџетот, туку да се почитуваат сообраќајните правила со цел поголема безбедност“.

Последниот случај со усмртената Фросина предизвика масовни протести во Скопје и Неготино, а возачот ќе одговара за најтешко кривично дело поврзано со безбедноста во сообраќајот и обвинителството ќе инсистира на најстрога казна.

Слични содржини