Мислењето на Венецијанската комисија е очекувано. Тие имаат стандардни околу тоа кои речиси сите ги знаеме и поддржуваме. Тоа е максимална независност на Јавното Обвинителство, земајќи обзир дека ЈО е сепак помалку независно од судовите, секогаш, бидејќи е врзано за изборот за Владата и Парламентот. Во рамките на структурната поставеност и максимална независност и начинот на кој се бараат обвинителите…Зошто е тоа многу важно? Кај нас Обвинителството може да се претвори во челична сабја на власта кога е злоупотребено и ставено во функција на прогонот кој власта го проектира. Без ЈО, власта може да се заканува и да ги вознемирува бизнисмените. Власта без контрола над ЈО е како куче без заби. Затоа кај нас притисокот е голем за да го земат под контрола, вели професорот Љубомир Фрчкоски за препораките на Венецијанската комисија која предлага измена на Уставот, со што би се ограничило правото на реизбор на јавниот обвинител, како и тој да се бира и да се разрешува со квалификувано мнозинство во Собранието.
За Фрчкоски, Обвинителството моментално во Македонија, какво и да е, е столб на одбрана на демократијата во однос на авторитарните амбиции на власта, било која, но на оваа посебно. Во таа смисла, според него, многу е важно да се одбрани постојната позиција на Обвинителството и да се засили неговата самостојност за да нема политички прогони и да се врзува тоа за фактите на сторените дела и ништо повеќе и ништо помалку. Тоа е базата за владеењето на правото.
-Затоа е многу важно да се прифатат тие препораки и да се врши притисок врз власта да ги прифати – тоа е заедничко добро за Македонија. Мое мислење е дека таа ќе го одложи спроведувањето и нема да го прифати бидејќи прогоните кои ги навести се политички инспирирани. Неа и треба ЈО и ќе направи се да го узурпира, а наше е да се бориме за самостојност преку прифаќање на стандардите, истакнува професорот.
Во делот што се однесува на Јавното обвинителство, Венецијанската комисија го поздравува предвидениот јавен конкурс за избор на јавен обвинител и вклучувањето на Советот на јавни обвинители во давањето стручно мислење за кандидатите. Сепак, Комисијата смета дека е потребно дополнително да се намали можноста за политичко влијание, бидејќи предлогот го поднесува Владата, а Собранието одлучува со просто мнозинство. Затоа повторно се препорачува воведување квалификувано мнозинство, како и ограничување на мандатот на јавниот обвинител на една повторна изборна можност, со задолжителен период на пауза меѓу двата мандата. За соговорникот, тоа е добар потег, бидејќи со дво-третинско мнозинство ќе мора да се прави компромис со мислењето и ставот на опозицијата.
-Тоа е многу важно. Власта ќе гледа тоа да го одбегне на секој можен начин. Тоа му дава и сила на јавниот обвинител, да бираат подобар кадар за да можат да се сложат околу него и сигурност дека нема да биде предмет на манипулации и политички притисок, истакнува Фрчкоски.
Власта не најавува дека ќе ги зголеми платите на обвинителите и судиите поради довербата од 2%, иако од ЕУ бараат такво нешто за фелата. Професорот вел дека „има многу малку доверба дека оваа Влада нешто паметно ќе прифати“. Според него, како што тврди, власта сака ЈО да го „претвори во нејзина челична вилица со која заканите и политичките прогони ќе ги претвори во реални прогони и авторитарноста ќе ја направи секојдневна ситуација, и во однос на медиумите и политичките противници“.
-Нон стоп се заканува кон лидерите на опозицијата кои не се во политика веќе 5-6 години. Што е таа реторика? Имаат мандат да владеат, а се занимаваат со ПР на минатите влади. Тоа е немање на никаков програмски и реално оперативен став. Не мислам дека Владата ќе прифати нешто од паметните предлози бидејќи ќе остане соочена со отсуството на програма и резултати. Политичките прогони се ПР покривање на недостигот на резултати. Владата ќе ги игнорира препораките до крај, а наше е да притискаме, и на јавноста, опозицијата и невладиниот сектор, тие стандарди на правната држава да се вградат бидејќи тоа е одбрана на нашите слободи во јавниот сектор, заклучува Фрчкоски.