Петте милиони евра од буџетот наменети за финансирање на политичките партии да се пренаменат и распределат на 100.000 најзагрозени семејства (со по 50 евра по семејство) според критериуми определени од Министерството за труд и социјална политика и Владата на Република Македонија, предлагаат од Фронтот за демократска Македонија (ФРОДЕМ).
„Финансирањето на политичките партии со пари на граѓаните е нелегитимно озаконет грабеж на сограѓаните од страна на двете големи политички партии и нивните сателит партии. Основната цел на ваквото квази законско решение е лидерите и раководствата на партиите безгрижно, но и луксузно да ги минуваат деновите од едни до други избори, притоа натпреварувајќи се, кој ќе успее да излаже и изманипулира поголем број свои сограѓани. Затоа ФРОДЕМ ѝ предлага на Владата со Уредба со законска сила да го сопре понатамошното финансирање на политичките партии со пари од буџетот на државата. Срамно, жално и нечовечки е политичките партии да добиваат народни пари од граѓаните кога тие едвај егзистираат на дневна основа“, се наведува во соопштението од ФРОДЕМ.