ФРОНТЕКС се потпишува на чист македонски јазик, потврди Ковачевски

од Nikola Popovski

Премиерот  Ковачевски во денешното обраќање до пратениците истакна дека на нашиот европски пат чекориме со една многу значајна придобивка за која се изборивме – целосно заштитен македонскиот јазик, а со тоа и македонски идентитет. Македонскиот јазик е признаен и потврден, како рамноправен со сите други јазици во Европа.

„Првиот договор, ФРОНТЕКС, Советот на ЕУ веќе одлучи да се потпише и на македонски јазик, без какви било ѕвездички или фусноти. Првите документи во Брисел веќе се преведуваат на македонски јазик. Почетокот на преговорите со Европската Унија по 17-години чекање, со целосна заштита на македонскиот јазик и македонскиот идентитет, изградбата на едно општество за сите и мирот што го негуваме преку меѓуетничкото единство на домашен план, потврдуваат дека Владата е успешен и достоинствен претставник на народот, неговиот заштитник, чувар и водач напред“, порача премиерот Ковачевски.

Со потпишувањето на Договорот се создаваат неопходните правни предуслови коишто ќе овозможат непосредна соработка меѓу надлежните органи на двете договорни страни, за ситуации кога членови на тимот на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража имаат извршни овластувања на територијата на Република Северна Македонија, а во контекст на управувањето со миграциските текови и сузбивањето на незаконска миграција и прекуграничен криминал во земјава.

Еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон на прес-конференцијата по Министерската конференција Прашки процес, најави дека в среда во Скопје заедно со министерот Оливер Спасовски ќе го потпишат Договорот за ФРОНТЕКС помеѓу ЕУ и Северна Македонија.

Слични содржини