(видео) ФСБ: Најмалку 40 луѓе загинаа, а повеќе од 100 се ранети во нападот во Москва

„Смртоносниот напад врз трговскиот центар во Москва вечерва е терористички акт,“ соопшти рускиот Истражен комитет.

од Бети Божиноска

Најмалку 40 лица се загинати, а повеќе од 100 се повредени во терористичкиот напад во кој најмалку три лица отвориле оган пред концертот на групата „Пикник“ во трговскиот центар и концертна сала „Крокус Сити“ во северозападниот дел на Москва, соопшти Централниот оперативен центар на ФСБ, споделувајќи ги прелиминарните податоци.

Се стравува дека бројот на жртвите ќе расте, со оглед на обемот на нападот и пожарот што избувна по него.Според локалните медиуми, во зградата можело да има и до 6.200 луѓе кога почнало пукањето бидејќи закажаниот концерт бил распродаден.

Руското Министерство за вонредни состојби соопшти дека во гаснењето на пожарот што ги зафати горните делови на комплексот „Крокус“ ​​и кој сега се спушта на долните делови се вклучени 320 пожарникари и 130 технички единици.

Напаѓачите наводно се забарикадирале во запалената зграда. Групата не се обидела да земе заложници ниту да испрати порака, туку само отворила оган врз луѓето.

„Смртоносниот напад врз трговскиот центар во Москва вечерва е терористички акт,“ соопшти рускиот Истражен комитет.

Рускиот претседател Владимир Путин бил информиран за почетокот на пукањето, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Претседателот постојано добива информации за тоа што се случува и за мерките што се преземаат преку сите надлежни служби и ги даде сите потребни инструкции“, изјави прес-секретарот на шефот на Руската Федерација.

Мерките за безбедност се зголемени во московското метро и на аеродромите, а сите спортски, културни и други јавни настани во Москва викендов се откажани, соопшти градоначалникот на руската престолнина, Сергеј Собјанин.

„Одлучив да ги откажам сите спортски, културни и други јавни настани во Москва овој викенд. Ве молам да ја разберете оваа мерка“, напиша Собјанин на Телеграм.

Слични содржини