Фудбал со срце: Вардар и Црвена Звезда обединети за Кочани

од Љубиша Владимиров
122 прегледи

Во Скопје се одигра емотивен хуманитарен пријателски натпревар меѓу екипите на Вардар и Црвена Звезда, организиран во чест на жртвите од трагедијата во Кочани. Натпреварот, што се одигра пред околу 25.000 присутни гледачи, беше исполнет со моменти на солидарност, спортска борба и почит кон настраданите.

Црвено-црните го отворија резултатот преку Михаил Маневски. Неговиот погодок беше проследен со силна емоција и посветен на младиот Андреј Лазаров, што предизвика бурна реакција на трибините, особено кај „Комити“ кои изведоа кореографија посветена на Кочани.

Стратегот на Вардар, Гоце Седлоски, направи неочекуван потег повлекувајќи го од игра голманот Филип Гачевски, кој го имаше првиот настап сезонава, давајќи му шанса на младиот Гоце Јовчев. Тој немаше многу среќа, бидејќи веднаш прими гол од Лука Илиќ, кој изедначи на 1-1. Црвена Звезда продолжи со иницијативата, а пред крајот на првото полувреме успеа да направи целосен пресврт преку Александар Катаи.

Во вториот дел, натпреварот беше порелаксиран и без многу шанси. Најзабележителен момент беше ударот со глава на Филип Најдоски во 67. минута, но топката заврши над голот. Кон самиот крај, Црвена Звезда го постави конечниот резултат од 1-3 со уште еден погодок, запечатувајќи ја победата, но главната цел поддршка за настраданите и спортски гест на солидарност беше целосно исполнета.

Слични содржини