Г7 бара заедничка линија околу Газа, ветува „силна поддршка“ за Украина

од Stefanija Kuzmanovska

Министрите за надворешни работи на земјите од Г7 во средата се обидоа да воспостават заедничка линија во војната меѓу Израел и Хамас, истовремено ветувајќи дека нема да отстапат во поддршката за Украина во нејзината војна со Русија, пренесува „Ројтерс“.

Се очекува министрите подоцна во Токио да издадат заедничка изјава во која ќе повикаат на „хуманитарна пауза“ во Газа, а притоа нема да споменат прекин на огнот.

Американскиот државен секретар Eнтони Блинкен, кој пристигна на разговорите од неговата последна турнеја низ виорот на Блискиот Исток, во вторникот ја повика Г7 да зборува со „еден јасен глас“ за овој конфликт.

Јапонскиот министер за надворешни работи Јоко Камивака изјави доцна во вторникот дека министрите на Г7 „треба да ги повикаат релевантните земји да направат хуманитарни паузи и да обезбедат хуманитарен пристап, што е предуслов за доволна и континуирана хуманитарна помош“.

Дипломатски извор по работната вечера фокусирана на Газа истиот ден рече дека постои „големa едногласност дека, со оглед на хуманитарната вонредна состојба во Газа, хуманитарната грижа за палестинското цивилно население треба итно да се прошири“.

Изворот додаде дека имало „конструктивни размени“ за хуманитарните паузи, како и за потребата од разговори меѓу Г7 и другите земји во регионот за иднината на Газа и како да се запре ширењето на конфликтот.

Израелската војска немилосрдно ја бомбардира Газа од 7 октомври, кога милитантите на Хамас започнаа напад во кој загинаа 1.400 луѓе во Израел, од кои повеќето цивили, според израелските власти.

Министерството за здравство со кое раководи Хамас соопшти дека бројот на загинати во Газа надмина 10.300.

Слични содржини