Габриел: Бугарија нема да наметнува нови услови за С. Македонија на патот кон ЕУ

од Nikola Popovski

Вицепремиерката на Бугарија и министерка за надворешни работи, Марија Габриел тврди дека официјална Софија нема нови барања и нема да ѝ наметнува нови услови на Македонија за нејзиното членство во Европската Унија.

Таа во интервју за „БНР“ истакнала дека Бугарија го следи компромисот постигнат во јули 2022 година – да се случат уставните промени, каде јасно се почитуваат правата на Бугарите, како и да се почитуваат Договорот за добрососедство и договорените протоколи.

За нас е многу важно да видиме дека се исполнети обврските преземени на европско ниво. Она за што се залага Бугарија е дека членството во ЕУ е поврзано со обврски и одговорности, додала Габриел.

Нема нови услови за Република Северна Македонија, освен европскиот компромис од 2022 година за европскиот пат на земјата, е ставот на бугарското Министерство за надворешни работи (МНР). Од таму додаваат дека искрено сакаат земјава да ја видат како напредува кон полноправно членство, преку успеси во реформскиот процес и напорите за градење на добрососедски односи.

Бугарското МНР и бугарскиот претседател Румен Радев со идентични пораки се огласија околу дебатите во Скопје.

Ние не поставуваме никакви нови услови. Единствено сакаме да се исполнат веќе преземените обврски, кои се вградени во Преговарачката рамка, која многу јасно опишува што треба да се прави, изјавил бугарскиот претседател пред речиси еден месец.

Слични содржини