Гацов: Преседан ќе биде ако УЈП штрајкува

од Vladimir Zorba
743 прегледи

Даночниот советник Павле Гацов нема дилеми дека своевиден преседан ќе биде доколку вработените во Управата за јавни приходи од утре го реализираат генералниот штрајк. Oптимист е дека двете страни, Владата и синдикатот на вработените, сепак ќе ги искористат последните  часови до истекот на рокот кој беше оставен за да се постигне договор за зголемување на платите во УЈП.

„Со оглед на исклучителната важност на овој систем и опасноста да се предизвика гнев кај работниците пред годишните одмори, сметам дека до ваков застој нема да дојде, односно истиот може да биде само во форма на предупредување“вели за „Локално“, Павле Гацов.

Разгледувајќи ја можноста да не се постигне договор, последиците врз целиот систем во државата вели Гацов, ќе биде неколкукратен.

„Со ваквата постапка, УЈП освен што ќе влијае на ликвидноста на буџетот, ќе влијае и на семејните буџети на мнозинството граѓани во Македонија.Имено, во борбата на институциите се вовлекуваат и работниците кои не се причина за ваквата состојба со платите на вработените во УЈП“, дециден е тој.

Во насока на ублажување и надминување на потенцијалните опасности врз платежниот систем, Гацов предлага премостување на проблемот

„УЈП може блокадата за исплата на платите да ја таргетира кон вработените во Министерсвото за финансии каде се препознава виновник за состојбата. Премостување е можно, односно бизнис заедницата може да исплати парични аванси во висина на нето платата, а по разрешувањето на штрајкот да ги спроведе исплатите на социјалните придонеси преку УЈП.После ова се наметнува прашањето за автоматизирање на системот на плати кој нема да зависи од синдикалните барања на вработените во УЈП“потенцира тој.

Во очекување на постигнување брзо решение во овој колективен работен спор а кое треба да дојде од страна на помирувачот, професорот Лазар Јовески во изјава за Локално пред два дена изрази надеж дека ќе се надминат спротивставените ставови. Според него за покачување на платите е потребна измена на Законот за буџет но и носење на посебен Закон за плати во јавниот сектор

К.В.С.

Слични содржини