(ГАЛЕРИЈА) ПРОТЕСТ ПРОТИВ ИЗЈАВАТА НА ЗАЕВ: ВМРО-ДПМНЕ со митинг пред Влада

од Vladimir Zorba

Опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ вечерва протестираше во колона автомобили во Скопје за, како што наведе, „заштитата на националните црвени линии, последната линија на одбрана на македонскиот идентитет“.

Протестот на ВМРО-ДПМНЕ заврши пред Владата на РСМ, каде нивниот лидер, Христијан Мицкоски ги повика луѓето да протестираат против националната политика на премиерот Зоран Заев и Владата, за кои, како што вели, се подготвени да ги распродадат македонските национални интереси.

„Оставка на Заев, слобода на народот“, изјави Мицкоски по одржаниот протест на партијата.

Тој побара од премиерот да се извини за ставовите изнесени вчера за бугарскиот медиум.

„Треба да ја кренеме главата и да кажеме доста е. Ова е протест на народот, натпартиски, ќе победиме ако сме обединети. Ќе победиме ако сите кажеме готово е“, вели Мицкоски.

За него, Заев не е Македонија и упати апел до членовите на СДСМ да ја бранат земјата од неговите политики.

„Имаме разлики, но и цел да ги зачуваме образот и идентитетот“, истакна Мицкоски.

„Целосно издиша хистеријата заснована на лаги и невистини што ја ширеше антиевропското ДПМНЕ. Едвај 200 членови го поддржаа губитникот Мицкоски“, стои во партиското соопштение на СДСМ, по повод вечерашниот протест на најголемата опозициска партија.

Според СДСМ, граѓаните покажаа дека сакаат иднина, сакаат развој и напредок, сакаат членство во НАТО и ЕУ.

Не му помогна ниту поддршката од неговата вазалска партија Левица, a јавноста вечерва сведочеше на контрадикторно однесување, на навреди и клевети, на повици за насилство. Граѓаните добро го знаат игнорантскиот, срамниот однос на ДПМНЕ кон НОБ, АСНОМ и македонските партизани. ДПМНЕ е партијата која целата своја идеологија ја изгради на погазување на НОБ, на борците, партизаните, на бришење и менување на имиња на улици, булевари и установи именувани по македонски партизани, партија која за време на режимот, ги исфрли на улица живите борци и ги остави без простории, партија која создаде Музеј на жртвите на комунизмот. Само во Скопје, беа избиршани и преименувани, улицата Стив Наумов, „Мост на револуцијата“, „29 ноември“ и многу други, па дури и пораката на Тито за солидарност од Железничката станица. Ете тоа е ДПМНЕ“, велат од СДСМ и заклучуваат:

„Мицкоски и неговите приврзаници можат да блокираат колку сакаат, граѓаните знаат што е вистина и кој се бори за македонската иднина, кој го заштити македонскиот идентитет во најтешките преговори во историјата на земјата. Затоа јавноста не го поддржува и Мицкоски доживува дебакли на секој протест, затоа беше казнет од граѓаните и затоа уште долго ќе остане во опозиција“, стои во соопштението.

Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вечерва на протестот уште еднаш побара оставка од Зоран Заев, и обединување на народот, за, како што кажа, да се стави крај на ова зло.

„Има работи коишто се свети, има работи коишто не се предмет на пазарење за секој со нормален ум и разум. Затоа постојат државите, тоа не прави посебни и тоа е дел од нашиот идентитет. Премногу молчевме! Премногу бевме со наведната глава, но сега е времето кога треба да ја кренеме главата и да кажеме ДОСТА Е! Време е Македонците повторно да се борат и да се изборат за својте правдини“, изјави Мицкоски.

Во неодамнешното интервју за бугарската агенција БГНЕС, Заев рече дека Бугарија и Северна Македонија немаат поделена историја, туку заедничка, и дека Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците кои се бореа за слободна Македонија и одринскиот регион.

Тој изјави дека Бугарија не е фашизам, туку пријател, како и дека Бугарите биле администратори на територијата на денешна Северна Македонија за време на Втората светска војна и дека на крајот на војната, македонските и бугарските армии заедно ги ослободиле териториите на Македонија.

Протести на ВМРО-ДПМНЕ
Протести на ВМРО-ДПМНЕ
Протести на ВМРО-ДПМНЕ
Протести на ВМРО-ДПМНЕ
Протести на ВМРО-ДПМНЕ
Протести на ВМРО-ДПМНЕ
Протести на ВМРО-ДПМНЕ
Протести на ВМРО-ДПМНЕ
Протести на ВМРО-ДПМНЕ

Фото: Борче Поповски

Слични содржини