Гаранција од половина милион евра: Рашковски вратен во куќен притвор

од Берта Китинска
200 прегледи

Поранешниот генерален секретар во Владата, Драги Рашковски повторно се наоѓа во домашен притвор, откако Апелацискиот суд донел одлука, која ја испратил до Основниот кривичен суд во Скопје. По ваквата одлука Рашковски го напуштил затворот „Шутка“, каде се наоѓа од април годинава.

Претходно беше потврдена информацијата дека вишото обвинителство дало позитивно мислење на понудената гаранција од половина милион евра од Рашковски, но според последните информации од судот одлуката за ослободување од притвор била донесена без да се земе во предвид понудената гаранција.

Одлуката да биде пуштен  Драги Рашковски во домашен притвор е уште еден показател за заробениот правен систем од страна на Зоран Заев, обвинија од ВМРО-ДПМНЕ.

-Оваа одлука денес сама по себе е скандал, бидејќи покажува дека кога Заев те брани , тогаш криминалот се простува.Постои сериозна основа да се сомневаме дека Заев има вмешано прсти во ваквата одлука. Јавноста со право се сомнева и дека на овој начин може да се влијае врз сведоците и врз доказите, а со тоа и врз целиот судски процес, велат од партијата

Првата истрага против Рашковски е за набавка на софтвер за сообраќајни прекршоци, кој што го набавил како генерален секретар, иако МВР немало потреба од него. Втората истрага, која што беше отворена додека тој беше во притвор, е исто така за набавка за софтвер, но набавен во 2017 година.

Рашковски претходно веќе беше во куќен притвор, но на 21 април по барање на надлежните судски органи беше префрлен во Затворот Скопје. За него се отворени две постапки за набавки на софтвери коишто ги заштитил како иновации. Тој во својство на генерален секретар на Владата склучил договор со фирмата „Инвока“ за да набави две софтверски решенија.

Едното е за систем за сообраќајни прекршоци за потребите на МВР, кое никогаш не било ставено во употреба. Вториот софтвер бил наменет за електронско гласање. Станува збор за набавки во висина од околу 200 илјади евра. Тој е осомничен и дека му плаќал 80 000 денари на хонорарец, кој потоа бил задолжен да му враќа дел од парите.

Слични содржини