Гаши – Ќехаја: Неопходно осовременување и подобрување на капацитетите на граничните премини, со воведување на концептот на заеднички контроли

од Илинка Илиоска

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши денеска оствари средба со амбасадорот на Република Косово во Република Северна Македонија, Флоријан Ќехаја.

Како што информираат од собраниската прес-служба, Гаши оценил дека билатералните односи меѓу Северна Македонија и Косово се на високо ниво, со плодна соработка во бројни области. Тој изразил задоволство што парламентарната соработка меѓу Собранието на Северна Македонија и Собранието на Косово се карактеризира со интензивна динамика, како и уверување дека овој тренд ќе продолжи и во тековниот парламентарен состав. Осврнувајќи се на бројните билатерални средби, тој особено ја нагласил соработката меѓу пратеничките групи за соработка од двата парламента. Подвлекол дека пратениците од двете земји успешно соработуваат и се поддржуваат и на мултилатерален план, во рамките на меѓународните парламентарни собранија.

Честитајќи му го изборот за претседател на Собранието, амбасадорот Ќехаја му посакал на Гаши успех во извршувањето на оваа значајна функција и изрази очекување за продлабочување на успешната соработка. Тој изразил задоволство што Северна Македонија има афирмативен став за пристапувањето на Косово кон сите мултилатерални и регионални организации и иницијативи, како и благодарност што пратениците од Делегацијата Собранието на Северна Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа го дадоа својот глас за поддршка на членство на Косово во оваа организација.

Гаши и Ќехаја се осврнале на заедничките заложби за натамошно унапредување на економската соработка и инфраструктурното поврзување меѓу Северна Македонија и Косово, при што како приоритетно беше нагласено завршувањето на патната делница Скопје-Блаце. Соговорниците ја нагласиле потребата за осовременување и подобрување на капацитетите на граничните премини, со воведување на концептот на заеднички контроли, што во дополнителна мерка ќе ја олеснат комуникацијата меѓу граѓаните од двете држави и бизнис заедницата.

На средбата, како што се наведува во соопштението од Собрание, станало забор и за претседавањето на државава со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), како значаен форум за политички и дипломатски дијалог, во кој на еднаква основа се вклучени сите држави од регионот.

Претседателот Гаши информирал дека во рамки на претседавањето, Собранието ќе биде домаќин на 11. Пленарната сесија на Парламентарното собрание на ПСЈИЕ, што ќе се одржи 18 до 20 јуни годинава.

На крајот од средбата, претседателот Африм Гаши и амбасадорот Флоријан Ќехаја размениле мислења за можните идни средби и состаноци меѓу пратениците од собранијата на Република Северна Македонија и Република Косово.

Слични содржини