Претседателот на Собранието, Африм Гаши за денес во 11 часот ја закажа седницата на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и на Агенцијата за разузнавање (АР) во врска со наводите за незаконско прислушување во периодот од 2019 до 2024 година. Во известувањето за закажаната седница се вели дека со неа ќе претседава пратеничката од редовите на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Славјанка Петровска.
Иницијативата дојде по јавниот повик на членот на Комисијата, пратеникот Љупчо Пренџов, кој побара итен состанок за да се утврди датум за официјална посета во АНБ и директен увид во состојбите. Според него, станува збор за сериозни сомнежи кои ја нарушуваат довербата во институциите и демократијата.
Претседателот на Комисијата, Скендер Реџепи, пак, одби да ја свика седницата, велејќи дека е дискриминиран затоа што повеќе од една година нема одговор на барањето за безбедносен сертификат, што го оневозможува пристапот до класифицирани информации.
Опозицискиот СДСМ во неколку наврати повика да се декласифицираат документите поврзани со наводите за незаконското прислушување во периодот од 2019 до 2024 година. ВМРО-ДПМНЕ, пак, ги обвини опозиционерите дека блефираат со барањето за декласификација сакајќи на тој начин да ги спасат организаторите на случајот.