Газдите на ноќните клубови самоиницијативно ќе ги отворат објектите, доколку Владата не им ги исполни барањата

од Nikola Popovski
575 прегледи

Сопствениците на ноќни клубови во земјава вечерва од состанокот во Штип најавија граѓанска непослушност и дека доколку Владата остане глува на нивните барања за отпочнување со работа, самоиницијативно ќе ги отворат клубовите од наредниот викенд. На состанокот присуствуваа претставници на 20 ноќни клубови.

Горан Арсовски, претставник на Здружението на ноќни клубови, изјави дека одлуката ја носат како резултат на „целосната дискриминација на ноќните клубови од власта“ и како што вели, по неколкуте неуспешни обиди за состанок со нејзини претставници, на кој би се дискутирало за нивниот опстанок.

-Најпрво да се избегнат манипулациите и спинување на вистината, како и претставувањето на ноќните клубови, како причинители за ширење на заразата, би сакале да ја информираме јавноста за целиот тек на настаните од започнувањето на пандемијата. Ноќните клубови во затворен простор во Македонија се единствените во целиот регион и во целиот свет кои со одлука на Влада се во целост затворени и не работат повеќе од 19 месеци. Единствено кај нас не се најде начин и решение да работат со соодветни протоколи за работа, тврди Арсовски.

Тој посочи дека „се останато си работи нормално“, како воопшто да нема коронавирус, а помали капацитети од нивните со доста понебезбедни услови од условите што тие можат да ги обезбедат ја преземале улогата на организатори на забави.

-Немаме никаква финансиска помош, како најпогодени од оваа пандемија, и принудени сме секој сам од себе, како знае и умее да ги сервисира режиските трошоци, како и ратите за земените кредити од развојна банка кои беа понудени како помош. Дојде ред тие да се отплаќаат, а ние сè уште не работиме. Сакаме да ја информираме јавноста дека за сите овие 19 месеци во кои не работиме, Владата ни даде минимална финансиска помош која се однесуваше само за два месеца. Ние сакаме да започнеме со работа со соодветни протоколи, во иста мера ригорозни како останатите кафе барови и ресторани, односно со 50 отсто од капацитетите на објектите и само со лица кои поседуваат сертификат за имунизација, односно вакцинирани лица и доказ за прележани од ковид-19 во изминатите 30 дена, рече Арсовски.

Сопствениците на ноќни клубови забележуваат дека не ја гледаат логиката граѓаните да се вакцинираат, а тие повторно да се затворени.

Извор: MИА

Слични содржини