Газпром: Наскоро на три дена прекината испораката на гас за Европа преку Северен тек

од Stefanija Kuzmanovska
200 прегледи

Испораките на руски гас за Европа преку гасоводот Северен тек 1 ќе бидат во прекин на три дена, од 31 август до 2 септември, поради одржување на системот, соопшти денеска рускиот гасен гигант „Газпром“.

„Од 31 август 2022 година, единствената гасна компресорска единица Трент 60 ќе биде затворена три дена поради одржување, а тоа одржување им е доверено на техничарите на Сименс“, се вели во соопштението на „Газпром“, додавајќи дека поради тоа „снабдувањето на гасот низ гасоводот Северен тек ќе биде суспендиран на три дена“.

Испораките потоа ќе продолжат со проток од 33 милиони кубни метри гас дневно, соопшти „Газпром“.

Одлуката на „Газпром“ ризикува повторно да ги разгори стравувањата од недостиг на гас во Европа, каде Москва е обвинета за уцена на енергетските компании.

Откако западните земји воведоа санкции кон Москва по офанзивата против Украина, Русија неколку пати го намали снабдувањето со гас за Европа, која е во голема мера зависна од неа.

До минатата година, Русија учествуваше со околу 40 отсто од увозот на гас во ЕУ, а европските земји со месеци се мачеа да најдат други извори за снабдување со гас.

Слични содржини