Прашањето со Република Северна Македонија не може да се реши до крајот на француското претседателство со Советот на ЕУ, изјавила денес бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска пред состанокот на парламентарната комисија за надворешна политика.
„Слушнавте и по Коалицискиот совет дека и премиерот и шефот на кабинетот на премиерот се потпираат на Министерството за надворешни работи. Меѓутоа, за жал, тимовите на премиерот продолжуваат да го саботираат процесот на различни начини“, рекла министерката.
„Тие водат разговори со нашите партнери од ЕУ, ние се обидуваме овие разговори да ги водиме на чисто професионален начин, но од маргините дознавме дека паралелни разговори водат и советници на премиерот“, додала шефицата на бугарската дипломатија.
На прашањето дали премиерот може да го „елиминира“ министерството за надворешни работи на темата за Република Северна Македонија, Генчовска вели дека „нема шанси да се заобиколи МНР“.
На прашањето дали МНР треба да подготви извештај за напредокот во односите меѓу двете земји, Генчовска истакнала дека тоа може да се случи доколку се одржи Консултативниот совет за национална безбедност, што е привилегија на претседателот и доколку тој побара таков извештај од МНР.
„Претседателот има право да побара ваков извештај од сите членови на Советот“, порачала Генчовска.