Бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска во интервју за „Радио Бугарија“ изјави дека земјата ќе продолжи да го поддржува легитимното барање на Бугарите во Македонија да бидат вклучени во нашиот Устав, заедно со другите народи.
Таа, исто така, е категорична дека Бугарија ќе се држи до целосното спроведување на Договорот за добрососедство од 2017 година.
-Човековите права се прашање на цивилизациски избор и се основна вредност на Унијата во која С. Македонија сака да се приклучи. Оптимистка сум дека наскоро ќе дојдеме до решение, иако ова е процес кој не треба да се врзува за конкретни датуми. Тоа зависи од добрата волја и волјата на двете страни да постигнат напредок. Ние сме исклучително добронамерни, подготвени за дијалог, но целосно почитувајќи ја рамковната позиција на Советот на министри, декларацијата на Националното собрание и се придржуваме до мислењето на Советодавниот совет за национална безбедност на претседателот на Република Бугарија, кое се одржа на 10 јануари, вели Генчовска во интервјуто.
Според неа, Државната агенција на Бугарите во странство се еден од главните приоритети на тамошното Министерство за надворешни работи.
-Наша желба е оваа агенција да биде исполнета со содржина, да има корист и да им служи на бугарските заедници. Веќе сме во процес на развој на концепт за тоа кои цели сака да ги постигне агенцијата кога ќе стане дел од Министерството за надворешни работи. Дотогаш, при сите посети на земјите каде што има традиционални и нови бугарски заедници, наша главна цел е да се сретнеме со нив, да ги слушнеме нивните проблеми и да видиме како можат да бидат поддржани и да најдат одговори на нивните прашања, информира бугарската шефица на дипломатијата.