Генералот кој го предводеше пучот во Нигер бара поддршка

од Stefanija Kuzmanovska

Генералот кој го предводеше државниот удар во Нигер, Абдурман Чиани, денеска зборуваше на државната телевизија, барајќи поддршка од народот и меѓународните партнери за преземање на власта, два дена откако припадниците на вооружените сили го затворија демократски избраниот претседател, предизвикувајќи политички хаос кој може да ја забави борбата на земјата против џихадистите и да го зголеми влијанието на Русија во Западна Африка.

Државната телевизија на Нигер го претстави генералот Чиани како лидер на Советот за национална безбедност, група војници кои рекоа дека го извршиле државниот удар.

Тој рече дека земјата морала да го промени курсот за да избегне „постепен и неизбежен колапс“, па тој и другите околу него одлучиле да интервенираат.

„Ги замолувам партнерите кои се пријатели на Нигер да ја разберат специфичната ситуација на нашата земја за да ѝ ја дадат сета потребна поддршка за да се соочи со предизвиците“, наведе Чиани.

Делегацијата од соседна Нигерија која се надеваше дека ќе посредува замина набрзо по пристигнувањето, а претседателот на Бенин, кој беше предложен од регионалното тело за посредник, дури и не пристигна во земјата.

Говорејќи во Папуа Нова Гвинеја, францускиот претседател Емануел Макрон го осуди пучот како „целосно нелегитимен и многу опасен за Нигер и за целиот регион“. Тој додаде дека разговарал со претседателот Мохамед Барзум, велејќи дека заробениот претседател е добро.

Неколку стотици луѓе се собраа во четвртокот во главниот град Ниамеј и скандираа за руската приватна воена група „Вагнер“, веејќи руски знамиња. Подоцна тие запалија автомобили и го демолираа седиштето на политичката партија на претседателот.

Нигер е западен партнер во борбата против џихадистите поврзани со Ал Каеда и групата Исламска држава во африканскиот регион Сахел, каде Русија и Западот се борат за влијание. Франција, на која Нигер беше колонија до 1960 година, има 1.500 војници во земјата, кои спроведуваат заеднички операции со Нигеријците.

Бунтовничките војници не прогласија нов шеф на државата, а претседателот Мохамед Базум, кој беше избран пред две години во првиот мирен, демократски трансфер на власта во Нигер по независноста од Франција, не поднесе оставка.

Слични содржини