Георгиев: Бугарија строго ќе го следи постигнатиот европски консензус за интеграција на Македонија

од Nikola Popovski
55 прегледи

Министерот за надворешни работи на Бугарија, Георг Георгиев истакна дека официјална Софија строго ќе го следи постигнатиот европски консензус во однос на европската интеграција на Македонија.

„Нашата земја останува доследна на поддршката за европскиот пат на земјите од Западен Балкан, но по исполнување на критериумите“, рекол Георгиев. Тој повторно го споменал францускиот предлог кој подоцна стана Преговарачка рамка на Македонија.

„Постигнат е европски консензус во 2022 година, како што е познат под името „француски предлог“, кој строго ќе се следи. Секоја земја на нејзиниот пат кон европско членство мора да ги почитува критериумите, мора да се придржува до нив. Европската интеграција на земјите од Западен Балкан е исклучително важна – инвестицијата во овој процес е инвестиција во безбедноста и стабилноста на цела Европа. Но, ние ги знаеме и ги чуваме нашите национални интереси, но и интересите на целата Европска Унија, бидејќи она што е постигнато како договор не е билатерален проблем меѓу Софија и Скопје. Тоа е меѓу Брисел и нашите соседи од Република Северна Македонија“, коментирал шефот на бугарската дипломатија, пренесоа бугарските медиуми.

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски неодамна најави дека ќе побара средба со бугарскиот премиер Росен Жељазков.

Услов за автоматско одржување на Втората меѓувладина конференција со Македонија и втората фаза од почетокот на преговорите на земјата со ЕУ е вклучувањето на Бугарите во Уставот, што за владата на ВМРО-ДПМНЕ е неприфатливо и повлекување од националните интереси, сторено од претходната влада на СДСМ. Според ВМРО-ДПМНЕ, за да има предвидливост во евроинтеграциите на земјата, измените на Уставот треба да стапат на сила дури откако ќе завршат преговорите и земјите-членки ќе го ратификуваат договорот за пристапување на Македонија во ЕУ.

Слични содржини