Од следната недела минималната плата ќе изнесува 18.000 денари и ќе биде за двојно повисока од минималната плата од 2017 година кога во одредени сектори изнесуваше 8.800 денари. 80.000 работници од април ќе добиваат плата поголема за 3.000 денари од досегашната, а повисоки примања ќе имаат и оние работници кои досега добиваа 16 или 17.000 денари плата, вели Марија Георгиевска, пратеничка на СДСМ, на прес-конференција.
Пратеничката меѓу другото вели дека платите растат во сите сектори.
-Во Министерството за внатрешни работи следува покачување на платите од пет отсто, а значително повисоки плати денес добиваат докторите, медицинските сестри, негувателките и воспитувачките во градинките, вработените во образованието и одбраната.
Растот на платите во сите сектори придонесе просечната плата за јануари оваа година да изнесува рекордни 29.980 денари, што е остварување на ветувањето за просечна плата од 30.000 денари или 500 евра.
Сето ова почитувани е показател за успешноста на економските политики на Владата предводена од СДСМ, кажа Георгиевска.