Секој може да продава ветер и магла, но ние сме тие кои мора да работат согласно законите. Има важечки ДУП и тој е на ниво на закон по кој ние постапуваме легално и по докуменатција која е доставена во Општината. Ако не го почитуваме ДУП-от ќе треба да плаќаме пенали и да бидам искрен, треба да сме среќни што општината не е тужена за милионски суми заради претходни незаконски одлуки, вели во интервју за „Локално“ градоначалникот Горан Герасимовски, со кого поразговаравме по повод две години на чело на Општина Центар.
-Жал ми е што се уште на оваа тема дел од политичките чинители во Општината се обидуваат да ги манипулираат граѓаните, но ме радува тоа што од моите разговори со центарци оваа манипулација е препознаена и нема ефект врз нивното мислење, истакнува Герасимовски.
За сообраќајниот хаос во Центар, Градоначалникот вели дека еден од најголемите проблеми во општината е паркирањето, но дека активно се работи на неколку идејни решенија за надминување на овој проблем.
-Се надевам дека до крајот на годината ќе ја реализираме јавната набавка за новата катна гаража во Капиштец, а почната е и процедурата за нова општинската зграда. Доколку ја проектираме следната година, ќе го решиме проблемот и со паркингот во Дебар Маало, со две подземни нивоа на целата парцела каде сега се општинските бараки, вели тој.
Вели дека непријатно е изненаден од дебатата покрената во врска со иницијативата за конфискација на бесправно изградени објекти, која наместо да биде конструктивна се претворила во „евтино критизерство“ и „стекнување политички поени“.
– Уверен сум дека овој закон ќе има повеќе позитивни ефекти. Не само што ќе се заштедат парите од општинскиот буџет наменет за рушење на дивоградбите, туку овие нелегални објекти ќе бидат пренаменети и ставени во функција на граѓаните, вели Герасимовски во интервјуто.
Две години на чело на општина Центар. Што постигнавте од ветеното за Центарци, а што планирате во наредниот период?
-Задоволен сум од она што е реализирано во првите две години на мојот мандат, но поважно е дека Општината конечно е целосно фокусирана на реалните потреби на жителите на Центар. Сметам дека локалната самоуправа како власт треба да биде најблиската власт до граѓаните. Општината треба да биде прво место за контакт кога граѓаните имаат некаква потреба, а нашиот однос со нив мора да биде партнерски и искрен. Верувам дека ова го постигнавме и од мојата комуникација со центарци гледам дека тоа го препознаваат.
Што се однесува до проектите, имам одлична реализација во клучните области каде се фокусиравме. Една од нив е образованието и градинките. Јас лично верувам дека децата мора да имаат најдобри услови за раст и развој. Наша обврска е да вложуваме во нив и тоа еден ден ќе се врати, бидејќи ќе имаме здрави и мотивирани генерации.
Листата на реализирани проекти е навистина голема и ќе ги издвојам само најкрупните. Градиме нови училници и лифт за деца со инвалидитет во ООУ „Коле Неделковски“ односно ги прошируваме капацитетите по цели 65 години. Отворивме сензорни соби во 4 училишта и ја подобривме инклузивноста за децата со попречености, на ова сум особено горд. Во ООУ „Димитар Миладинов“ отвораме модерен центар за талентирани ученици на површина од 120м2. Вложивме директно во учениците преку финансиска поддршка и награди и овој буџет највисок досега. Ќе продолжиме со оваа пракса и ќе ги зголемуваме буџетите за оваа намена.
Во градинките, исто така, листата е долга ќе издвојам само неколку проекти а тоа е целосна реконструкција на градинката 13 ноември, а изградбата на градинката Пролет со капацитет за 150 дечиња напредува одлично и очекувам следната година да ја пуштиме во употреба. Градинката „Пепелашка“ доби соларна централа со капацитет од 20,5 kw кои ќе ги задоволат капацитетите на градинката и за време на зимските месеци. Ова се само дел од проектите во образованието.
Покрај помладите силен фокус ставивме и на повозрасните граѓани бидејќи во Центар има голем број пензионери, значитено повеќе од другите општини. Драго ми е да кажам дека за нив за две години речиси ги реализиравме сите предизборни ветувања и сега работиме на нови проекти за следните две години. Ги отворивме сите три пензионерски клубови кои ги ветивме а постоечкио Невена Ѓеорѓиева Дуња доби нови простории. Обезбедивме и бесплатни стоматолошки услуги за пензионери како и финансиска поддршка за оние во социјален ризик.
Понатаму, решаваме други горливи проблеми како обезбедување на нови паркинг места кои секогаш се проблем во Центар. Мој фокус е гарантирање на резиденцијални места за центарци кои често не може да паркираат заради узурпирање на местата од сите други посетители на Центар. Особено сум горд и што започнавме енергетска трансформација. Центар е првата општина што има свое претријатие за производство и продажба на електрична енергија, а на сите училишта ќе се постават фотонапонски централи.
Решаваме и еден друг проблем за кој секако има уште многу работа, а тоа е јавната хигиена. Започнавме со миење на улиците со наше возило, пракса која беше напуштена долго време, а граѓаните ја бараа. Го транформиравме претпријатието ПОЦ кое сега дава и комунални услуги и го подобривме работењето на хигиеничарите. Сепак, за Центар да биде чист играат улога и други фактори како работата на Комунална Хигиена на Град Скопје и поведението на граѓаните кое, за жал, морам да констатирам дека е на ниско ниво кога станува збор за одржување на чистотата во општината.
Секако, постојано вложуваме во реконструкција на улиците. Со задоволство можам да кажам дека речиси 100% реализација на буџетот во овој дел. Само првата година од мандатот имаме 13 реконструкции, а оваа година ја завршивме и најважната, реконструкцијата на Ленинова која денес е модерна, европска улица по сите стандарди.
Продолжуваме да градиме доверба и да создаваме позитивни вредности за сите нас со одржување редовна комуникација со граѓаните како наш принцип на работа.
Сообраќајниот хаос во вашата општина е еден од најгорчливите проблеми на градот. Во 2021 година изјавивте дека Општина Центар ја замислувате со повеќе зеленило и средени урбанистички планови. Исто така истакнавте дека „Боемска 2“ ќе биде пешачка зона. Дали и кога ќе го реализирате ваквото ветување?
-Факт е дека централното подрачје на градот е најфреквентно. Со истиот предизвик се соочуваат сите светски метрополи. Анкетите кои ги спроведуваме покажуваат дека еден од најголемите проблеми во општината е токму паркирањето. Особено се критични Дебар Маало, Капиштец и Буњаковец, каде има најголем метеж и недостиг на паркинг места. Активно работиме на неколку идејни решенија за надминување на овој проблем. Се надевам дека до крајот на годината ќе ја реализираме јавната набавка за новата катна гаража во Капиштец, а почната е и процедурата за нова општинската зграда. Доколку ја проектираме следната година, ќе го решиме проблемот и со паркингот во Дебар Маало, со две подземни нивоа на целата парцела каде сега се општинските бараки.
Концептот на урбан хуманизам останува приоритет, со повеќе резиденти места за паркирање, нови пешачки и велосипедски патеки, и се разбира негување на зелените површини. На добар пат сме и за пешачка зона на новата втора Боемска улица.
Пред неколку месеци инициравте дебата за конфискација на бесправно изградени објекти, наместо рушење. Беше посочено дека општина Центар има неколку големи дивоградби на нејзината територија, чие рушење чини стотици илјади евра, но општината ги нема тие средства. Каде заглави иницијативата?
-Се работи за сериозна инцијатива која доби поддршка од ЗЕЛС, од министерот за правда Лога и министерот за транспорт и врски Бочварски. Во наредниот период очекувам истата да биде разгледана и во Владата и да се преточи во закон со конкретен акциски план. Вакви закони за конфискација на дивоградбите важат во многу земји, вклучително и во оние од соседството. И затоа сум уверен дека овој закон ќе има повеќе позитивни ефекти. Не само што ќе се заштедат парите од општинскиот буџет наменет за рушење на дивоградбите, туку овие нелегални објекти ќе бидат пренаменети и ставени во функција на граѓаните.
Искрено, непријатно сум изненаден од дебатата покрената во врска со иницијативата, која наместо да биде конструктивна се претвори во евтино критизерство и стекнување политички поени. Токму таквите негативни ставови и политичка поделеност и не доведоа до оваа состојба на немоќ во справување дивоградбите. Цврсто верувам, а тоа ми го потврдија и квалификувани правници, дека оваа Иницијатива може да биде ефикасен закон од кој сите ќе имаат бенефит.
Покрај ова, ваквиот закон ќе има голема превентивна функција. Малку е веројатно било кој да се обиде да изгради и вложи во објект на диво ако знае дека преку ноќ може да му биде конфискуван. Ние мора да спречиме тоа да се случи, и ваквиот закон не само во Центар, туку ќе има многу позитивен ефект низ целата држава бидејќи имаме општини кои се соочуваат со далеку посериозен проблем во однос на дивоградбите од Центар. Ние на територијата имаме околу 10 дивоградби кои преку ваквиот закон сакаме да ги решиме.
Просторот на поранешната фабрика „Треска“ каде веќе се гради првата зграда повторно е цел на дебата. Левица организираше протест обвинувајќи за урбицид, а од иницијативата „Шанса за Центар“ порачаа дека партијата не реагирала кога „градоначалникот велел дека тоа е приватен имот и секој може да прави што сака на приватен имот“. Како ги коментирате овие обвинувања и целата ситуација околу просторот на поранешната фабрика?
-Жал ми е што се уште на оваа тема дел од политичките чинители во општината се обидуваат да ги манипулираат граѓаните, но ме радува тоа што од моите разговори со центарци оваа манипулација е препознаена и нема ефект врз нивното мислење.
Прво, Јана Белчева беше на чело на оваа општина цели три години во минатиот мандат. Најосновното прашање е, зошто не го реши проблемот? Зошто не најдоа правно издржана процедура преку која ќе се сменат ДУП-овите и ќе се отстранат сите градби кои во моментов легално ги градат сопствениците? Зошто спротивно на сите закони, донесоа мораториум кој два пати паѓа на Уставен Суд и за кој сите правници јасно се изјаснија дека е незаконски? Зошто селективно се носеа мораториуми кои за некои ДУП-ови каде очигледно имало и личен интерес тие не важеле? Има уште многу прашања кои треба да им се постават, но навистина немам намера да се занимавам со тоа.
Секој може да продава ветер и магла, но ние сме тие кои мора да работат согласно законите. Има важечки ДУП и тој е на ниво на закон по кој ние постапуваме легално и по докуменатција која е доставена во Општината. Ако не го почитуваме ДУП-от ќе треба да плаќаме пенали и да бидам искрен, треба да сме среќни што општината не е тужена за милионски суми заради претходни незаконски одлуки. Мора да ја почитуваме и одлуката на Уставниот суд со која како неоснована се отфрли иницијативата на „Шанса за Центар“ за преиспитување на Дупот Буњаковец 2 во кој спаѓа и подрачјето на Треска.
Што се однесува до просторот таму, тоа ќе биде комплекс со ниски згради од 5 ката со многу отворени јавни површини. Центарци кои живеат во тој дел даваат целосна поддршка за урбанизација на оваа депонија каде често имаше пожари и беше збиралиште на сомнителни лица кои ги плашеа граѓаните.
Јас во однос на урбанизмот имам многу јасен став и тој е конзистентен од самиот почеток. Се залагаме за хуман урбанизам. Ова значи, прво, целосно почитување на законските прописи при градба. Одговорно тврдам дека ниту метар квадратен повеќе од дозволеното не е изградено со мој потпис и така ќе остане до крај. Ние за две години имаме спроведено повеќе градежни инспекциски контроли отколку десет години наназад. Понатаму, се залагаме за максимално унапредување на урбанистичкото планирање преку носење на ДУП-ови по мерка на граѓаните, а не инвеститорите.
ДУП-ови кои ги донесовме досега, ако ги споредите со претходните решенија, имаат и повеќе зеленило, повеќе јавни површини а помалку габарит на градби. Колку за илустрација, новиот ДУП Маџир Маало 2 има предвидено двојно помалку површина за градба во споредба со стариот. Секако, ова може да го правиме само во рамки на законските можности, ние не можеме да одземаме приватен имот и незаконски да носиме мораториуми. Понатаму, поднесовме една многу важна иницијатива, а тоа иницијативата за промена на законот за окрупнување на земјиштето. Според сегашниот закон, доволно е сопственикот да има 30% а уште 70 да може да окрупни. Ние предлагаме да се смени соодносот, односно да мора да поседува 70% а да може да окрупни дополнително само 30%.
Јас пред граѓаните сакам да сум реален и да кажам што можеме а што не можеме да направиме за разлика од „Шанса за Центар“ кои освен што манипулираат немаат реално решение за ниеден проблем во општината. Напротив, дополнитлено ги компликуваат работите и прават штета на самата општина.
Кафулето „Интермецо“ ги мачи центарци во текот на целата година со гласната музика, покажуваат јавувањата во полиција. За шест месеци, од јануари до јуни годинава, до полицијата стигнале 11 пријави за бучава. Општина Центар досега во неколку наврати го затвора објектот по 30 дена, но локалот повторно се отвора, а граѓаните повторно се жалат. Како засекогаш да се реши овој стар проблем за жителите од тој дел на вашата општина?
-Гласните локали се навистина проблем за локалното население, но инспекциите се постојано на терен. Веднаш реагираме на сите поплаките и таму каде инспекцијата ќе измере високи децибили следуваат високи парични казни кои изнесуваат и до 800 000 денари. „Интермецо“ досега е казнето 4 пати, а во процедура е најновата казна, но за жал, проблемот е се уште присутен. Што се однесува до нашите ингеренции, ние ќе продолжиме со казните, но тоа е се со што располагаме како Општина. Сепак, јас се обидувам и да разговарам со сопствениците кои се свесни за проблемот. Според последните разговори тие прават реконструкција на објектот кој треба значително да ја намали бучавата и се надевам дека ова ќе го реши проблемот.
Се уште е актуелен судирот на релација Арсовска – ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје и обвинувањата за попречување во реализацијата на проекти. Како гледате на овие препукувања од кои најмногу трпат граѓаните? Дали имате и каква е воопшто вашата соработка со градоначалничката?
-Односите на Арсовска со ВМРО ДПМНЕ се нивна работа, но според мене, проектите од локалната самоуправа не смеаат да трпат поради политика. Што се однесува до соработката со Градоначалничката, цврсто стојам на ставот дека мора да се соработува во интерес на граѓаните. Ингеренциите на Градот и Општината се испреплетени и многу често се случува дека треба да работиме на заеднички проекти во интерес на граѓаните. Ако немаме добра соработка, цехот ќе го плаќаат токму тие. Сите зависиме едни од други.
Н.П.