Герасов од ССМ: Владата може да обезбеди линеарно покачување на платите на сите работници ако скрати некои непродуктивни трошоци

од Vladimir Zorba
812 прегледи

Цврст во своето барање за поголеми плати за сите работници, ССМ верува во голема и масовна подршка на  денешниот протест од страна на  нивното членство но и од сите граѓани.

Аргументи има многу, вели за „Локално“ претседателот на Синдикатот на енергетика, енергија и рударство- Игор Герасов, но основни се егзистенцијалните проблеми на работниците,  да ги платат домашните сметки. Сигурни се постои начин да се обезбеди линеарно покачување на платите на сите работници.

„Верувам дека Владата ќе најде начин и тоа преку кратење на некои непродуктивни трошоци“, сугерира Герасов.

ССМ ги повикува сите граѓани, а апелот се однесува и до просветните работници, членови на СОНК кои според Герасов треба да одберат и да видат кој подобро ги застапува нивните интереси. Еден од следните најавени чекори е потпишување на  општ колективен договор за јавниот сектор, за кој  ССМ очекува подршка од страна на Владата.

Како позитивен пример го посочуваат фактот дека во приватниот сектор каде овој договор  е истечен веќе пет години  веќе се отпочнати разговори  со Организацијата на работодачи на Македонија.

Барате линеарно покачување и враќање на регресот за годишен одмор во јавниот сектор.  Колку е реално исполнувањето на вашите барања ако ја  имаме предвид  кризата во  сите полиња предизвикана од  пандемијата , енергетската криза, војната во Украина?

-ССМ бара 2806 денари линеарно покачување за сите работници  и К-15 од 2023 година за јавен сектор, што значи дека за оваа година буџетот нема да биде оптоварен. Се надевам дека Владата ќе може да ни излезе во пресрет, бидејќи пандемијата ја почувствувавме и ние работниците. И за нас е економска криза, а сепак мораме да си ги платиме сметките. Затоа верувам дека Владата ќе најде начин и тоа преку кратење на некои непродуктивни трошоци.

Дали очекувате дека денеска ќе ви се приклучат просветните работници, членови на СОНК? Вие ги повикавте, доколку  сакаат, но и доколку почувствуваат потреба да ви се обратат за консултации за  правна помош за да се види по кој основ е прекинат штрајкот и дали има основа за негово прекинување на штрајкот. Сметате ли дека можете да го привлечете членството на СОНК?

-Ние упативме апел до секој граѓанин, не само до членовите на СОНК утре да го подржат нашиот голем протест бидејќи и самиот СОНК е излезен од рамките на ССМ. Ние ги повикуваме членовите да одберат, да видат кој подобро ги застапува нивните права и нивните барања. Во однос на тоа зошто е прекинат штрајкот и дали се изиграни работниците од страна на СОНК, не би навлагал. Ние како ССМ, како најголем бренд во синдикалното движење сме постојано отворени за нови членови

Според Вас чиј неуспех е штрајкот на СОНК? Дали се работи за достоинствено преговарање за работничките прав, за манипулација на членството и пазарње или за злоупотреба на децата? Каде згреши СОНК и како може да се реши проблемот?

-Според мое лично мислење, не мора да биде и мислење на синдикатот од каде што доаѓам,СОНК згреши со самата организација на штрајкот. Тој сега е  ставен во мирување, односно во фаза на помирување и изнаоѓање решение по мирен начин. Грешката е направена од страна на раководството, во однос на организацијата. Ако веќе сте се одлучиле на еден таков радикален чекор, како лидери морате да застанете пред членството и да кажете што сте побарале, а што сте добиле, а не единствено постојано да се повикувате на членството. Во тој контекст, доколку  имате на пример 15.000 членови, сигурно  дека секој поединечно не се изјаснува. Синдикалните лидери мора да ја превземат одговорноста на свој грб бидејќи првенствено се избрани да бидат лидери и да ги застапуваат членовите онака како што е најдостоинствено. Мислам дека самите се ставија во замка во организацијата на штрајкот.

Каков епилог очекувате во однос на дијалогот со Владата за општ колективен договор за сите во јавниот сектор?

-ССМ е брендот на синдикализмот во Македонија и партнер на Владата во економско- социјалниот совет и очекуваме таа да го потпише колективниот договор за јавниот сектор. Јас доаѓам од приватниот сектор и можам да кажам дека нашата интенција, на СИЕР и на сите други гранкови синдикати, е да потпишеме оптш колективен договор за приватниот сектор. Веќе се отпочнати разговори  со Организацијата на работодавачи на Македонија и верувам дека ќе најдеме заеднички јазик и ќе го потпишеме  овој договор кој е истечен веќе речиси  пет години. Ние во приватниот сектор можеме да се договараме на основа на тој општ колективен договор, зборувам за синдикатот и работодавачите за полесно да  можеме да дојдеме до дијалог за бенефит на нашите работници.

Верувам дека ќе се согласите дека нема знак на еднаквост меѓу правата на работниците во приватниот и од јавниот сектор. Што според вас треба да се стори за тие да се изедначат?

-Да, во право сте, не се исти. Треба Владата да донесе уредба или парламентот да изгласа закон дека ако важи К-15 за приватен сектор, треба да важи и за јавниот  сектор. Не е фер некои работници да уживаат повеќе права од другите и затоа нашата интенција е сите работници да бидат исти пред законот. Во приватниот сектор каде што ги претставувам работниците можам да ги пофалам работодавачите во чии компании сме синдикално организирани дека веќе имаме потпишани колективни договори и веќе се покачуваат платите согласно овие договори. Оттука, можам да изразам задоволство дека работниците, инаку наши членови, за оваа година добија покачување и  имаат подоинствени плати. Сакам да упатам апел до Владата да  гледаат  како работодавачите ги покачуваат платите со цел да ги задржат работниците бидејќи иако е криза секторот од каде што јас доаѓам- индустрија, енергетика и рударството, работеа со полна пареа и работниците не почувствуваа криза. Токму спротивното, цените на челикот, на рудата на мермерот и тн. драстично се зголеми поради што компаниите остварија голем профит и го поделија со работниците.

Дали очекувате дека ќе ги потпишете гранковите колективни договори со оглед  на актуелната криза на сите полиња?

-Да, јас сум оптимист. Кога се донесе минималната плата, кога се направи тој историски скок од 15.200 на 18.000 денари Организацијата на работодавачи на Македонија изрази желба и веќе наредниот ден дојдоа во просториите на ССМ и отпочнавме прелиминарни разговори околу репотпишувањето на колективните договори- зборувам за приватниот сектор.Оптимист сум дека ќе се потпише тој  општ колетивен договор за приватниот сектор.

К.В.С.

Слични содржини