Демохристијанскиот кандидат за канцелар на парламентарните избори во Германија, Армин Лашет се извини во неделата што се смееше додека обиколуваше области погодени од поплавите претходниот ден.
– Жалам за впечатокот што беше оставен по еден разговор. Тоа беше несоодветно и жал ми е за тоа. Судбината на погодените лежи во нашите срца – сподели Армин Лашет (ЦДУ) преку Твитер.
Извинувањето се однесува на една ситуација за време на заедничката посета со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер на подрачјата погодени од поплавите во градот Ерфштад во државата Северна Рајна-Вестфалија, на чие чело е Лашет.
Во еден момент, додека претседателот и се обраќаше на толпата, на снимките се гледа како Лашет и неговиот соработник зборуваат во позадина, смеејќи се на она што многумина го сметаа за невкусно поради сериозноста на ситуацијата и моментот.
– Начинот на кој Армин Лашет, во моментот кога претседателот им се обраќа на жртвите, се однесува несериозно во позадина, е непочитување и заслужува осуда – рече генералниот секретар на Социјалдемократската партија на Германија, Ларс Клингбејл во интервју за „Билд ам Зонтаг“ .
Еден куп осуди за однесувањето на Лашет за време на неговиот престој во тешко погодениот Ерфштад брзо се појавија и на социјалните мрежи. Поранешниот претседател на Германскиот совет за етика, Питер Даброк, го опиша однесувањето на Лашет како „недостаток на почит кон жртвите“.
Во и околу Ерфштад, многу повеќе луѓе сè уште се водат како исчезнати поради уништените куќи од поројот.