Лашет: Не сме задоволни со резултатот од изборите

од Vladimir Zorba

Армин Лашет, кандидатот за германски канцелар од конзервативниот блок ЦДУ / ЦСУ, рече дека ќе стори сé за да формира коалиција предводена од ЦДУ / ЦСУ.

Откако беа објавени првите излезни анкети, Лашет во обраќањето во седиштето на Христијанско -демократската унија (ЦДУ) во главниот град Берлин рече дека оваа изборна вечер сигурно ќе биде посебна.

Тој потсети дека по 16 години, актуелната канцеларка Ангела Меркел не беше кандидат на изборите, и се заблагодари на Меркел, нагласувајќи дека овие 16 години беа многу добри години за цела Германија.

Посочи дека излезните анкети покажуваат дека овие избори се многу тесни.

„Се уште немаме сигурни бројки. Сепак, веќе можеме да кажеме дека не сме задоволни од овој резултат “, рече Лашет.

Нагласи дека оваа изборна ноќ ќе биде долга и дека не може да се предвиди како ќе заврши.

Додаде дека идната влада најверојатно ќе биде составена од три партии, за првпат во Германија.

Како што рече, ЦДУ / ЦСУ има одговорност да формира влада.

„Ќе се потрудиме да формираме коалиција предводена од партиите на Христијанската унија“, рече тој.

Истакна дека на Германија сега и е потребна коалиција која ќе ја обликува нејзината иднина.

„Мораме да ги надминеме конфронтациите и да го обезбедиме единството на Германија“, рече Лашет.

Слични содржини