Новиот претседател на словенечкиот парламент: Ќе одржиме референдум за напуштање на НАТО

Новоизбраниот претседател на словенечкиот парламент и лидер на крајнодесничарската партија Resni.ca, Зоран Стевановиќ, изјави дека има намера да одржи референдум за излез на земјата од НАТО, пишува „Анадолу“

од Кристијан Димков
15 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/POPoln kanal

„Морам да кажам дека на народот му ветивме референдум за прашањето за излегување од НАТО и тој референдум ќе го одржиме“, изјави Стевановиќ за јавниот радиодифузен сервис RTVSLO.

Стевановиќ нагласи дека неговиот став не е усогласен со ниту една странска сила. „Немам проруски ставови, туку прословенечки“, рече тој. „Сметаме дека Словенија мора да води своја политика – независна и суверена.“

Тој порача дека Словенија мора да соработува со сите земји, а особено со големите сили, но дека таа соработка „никогаш не смее да значи подреденост“. „Добри односи со сите, но во интерес на Словенија“, додаде тој.

Исто така, најави дистанцирање од вмешување во меѓународни конфликти. „Апсолутно ќе се спротивставиме на мешање во странски воени и дипломатски спорови, бидејќи Словенија од тоа никогаш нема корист“, изјави тој.

Иако го отвори прашањето за излез од НАТО, Стевановиќ призна дека јавната поддршка за напуштање на Европската Унија е малку веројатна, истакнувајќи дека Словенија и понатаму има значајни придобивки од членството во Унијата.

Тој потврди и дека неговата партија планира да ги исполни и другите предизборни ветувања, вклучително и залагањето за излез на Словенија од Светската здравствена организација (СЗО).

Говорејќи за своите дипломатски планови, Стевановиќ рече дека има намера да отпатува во Москва. „Би сакал да градам мостови и да соработувам добро со сите земји, без оглед на ѕидот што е изграден меѓу Западот и Истокот“, изјави тој.

Стевановиќ за претседател на словенечкиот парламент беше избран со тајно гласање во петокот, при што го поддржаа 48 пратеници, а 29 беа против. Според медиумските извештаи, поддршка добил од досегашната опозиција, вклучително и од Словенечката демократска партија (SDS) на поранешниот премиер Јанез Јанша и Нова Словенија.

Против неговиот избор беа пратениците од досегашната владејачка коалиција – Движењето Слобода, социјалдемократите и пратениците од Левица, кои наведуваат дека ова е вовед во формирање на четвртата влада на Јанша.

Стевановиќ е поранешен полицаец и претприемач, а претходно изјави дека нема намера да коалицира со Јанез Јанша и ги коментираше обвинувањата дека неговата партија е поддржана од лица од криминалното подземје. Имено, на социјалните мрежи кружат гласини за инциденти за време на неговата единаесетгодишна служба во полицијата – дека бил отпуштен поради измама со осигурување, пукање и злоупотреба на алкохол. Тој ги негираше сите обвинувања.

За 24ur.com изјави дека прима партиска плата, живее од политичка работа и нема скриени извори на финансирање. Во врска со можната соработка со Јанша, порача дека не планира коалиција со него, повикувајќи се на политички разлики и на сопствената стратегија која, како што вели, се темели на тоа да остане надвор од постојните блокови.