Исмаил: Словенија ќе организира референдум за излегување од НАТО, а ние ја уништивме државата за да влеземе

„Секоја година Буџетот за НАТО пробива плафон додека студентските домови, болници и други јавни објекти гнијат“, порачува пратеникот од Левица

од Nikola Popovski
74 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил-Хактан, ја спореди најавата за референдум во Словенија за членството во НАТО со примерот на Македонија. Тој обвини дека државата била внесена „без амин од народот“.

„Словенија ќе организира референдум за излегување од НАТО. Посочената причина од страна на политичките лидери е пример за чесност, политичка зрелост и пред се транспарентност. Имено, јавните функционери на Словенија просто и едноставно кажано, велат вака: НАТО бара од нас 5% од нашето БДП, ние тие средства треба да ги скратиме од другите програми кои се во насока на подобрување на животот на нашите граѓани кои ни даваат легитимитет да управуваме со јавните средства. Следствено, кратењето на ваквите програми мора да биде одобрено од граѓаните, нивно е да одлучат дали, и покрај тоа се согласни да бидат дел од НАТО.

Ние државата ја уништивме за да влеземе во НАТО, и повторно не со амин на народот туку буквално бевме напикани. И сега секоја година буџетот за НАТО пробива плафон додека студентските домови, болници и други јавни објекти гнијат“, порача Исмаил преку објава на социјалните мрежи.

Новоизбраниот претседател на словенечкиот парламент, крајнодесничарскиот политичар Зоран Стевановиќ, вчера за јавниот медиумски сервис РТВСЛО изјави дека има намера да распише референдум на кој граѓаните ќе одлучуваат за тоа дали земјата треба да излезе од НАТО.

„На народот му ветивме референдум за излегување од НАТО и ќе го одржиме“, изјавил Стевановиќ.

Тој нагласил дека неговиот став не е усогласен со ниту една странска сила. „Немам проруски ставови, туку само прословенечки. Сметаме дека Словенија мора да води сопствена политика, независно и суверено“, рекол Стевановиќ.

Иако го покрена прашањето за напуштање на НАТО, Стевановиќ призна дека јавната поддршка за напуштање на Европската Унија е малку веројатна, истакнувајќи дека Словенија сè уште има значителна корист од членството во Унијата.