Се создава „европски НАТО“, откриен планот. Клучен бил пресвртот во Берлин

Резервниот план што би ѝ обезбедил на Европа одбрана користејќи ги постојните воени структури на НАТО во случај на повлекување на САД добива на интензитет, особено откако доби поддршка од Германија, која долго време се спротивставуваше на таков самостоен пристап, пишува „Волстрит журнал“

од Кристијан Димков
9 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ EU Made Simple

Функционери вклучени во изработката на планот, кој некои го нарекуваат „европски НАТО“, настојуваат да ја зајакнат европската улога во командните структури на Алијансата и да ги надополнат американските воени капацитети со европски. Целта не е да се создаде конкуренција на постојниот сојуз, туку да се обезбеди континуитет на одвраќањето на Русија, оперативна стабилност и нуклеарна веродостојност дури и ако Вашингтон ги повлече своите сили од Европа или одбие да ја брани, како што во повеќе наврати се закануваше претседателот Доналд Трамп.

Клучен пресврт во Берлин

Плановите, првпат осмислени минатата година, ја одразуваат длабоката загриженост на Европа за доверливоста на САД како сојузник. Нивната разработка се забрза откако Трамп ѝ се закани на Данска, членка на НАТО, со одземање на Гренланд, а дополнително добија на значење поради застојот во односите што настана откако Европа одби да го поддржи американскиот воен ангажман во Иран.

Клучен поттик на планот даде политичкиот пресврт во Берлин. Германија со децении се спротивставуваше на француските повици за поголем европски суверенитет во одбраната, давајќи ѝ предност на Америка како краен гарант на безбедноста. Но, под канцеларот Фридрих Мерц тоа се менува поради загриженоста околу доверливоста на САД за време и по мандатот на Трамп, наведуваат извори запознаени со неговите ставови.

Кон крајот на минатата година Мерц почнал да го преиспитува долгогодишниот став, заклучувајќи дека Трамп е подготвен да ја напушти Украина. Според изворите, Мерц бил загрижен што Трамп ги изедначува жртвата и агресорот во војната и што американската политика во рамки на НАТО повеќе не се води од јасни вредности.

Сепак, германскиот лидер не сакал јавно да го доведува во прашање сојузот, туку се заложил Европа да преземе поголема улога. Во идеален сценарио, САД би останале во Алијансата, но поголемиот дел од одбраната би бил преземен од Европејците.

Европска иницијатива наместо американски поттик

Европејците сега настојуваат да преземат поголема одговорност што Трамп долго време ја бараше, но клучната разлика е што тоа го прават по сопствена иницијатива, поттикнати од сè поотвореното непријателство на Трамп, а не поради американски притисок. Во последните денови Трамп ги нарече европските сојузници „кукавици“, а НАТО „тигар од хартија“, додавајќи, алудирајќи на рускиот претседател Владимир Путин: „И Путин го знае тоа“.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, неодамна изјави дека Алијансата ќе биде „повеќе водена од Европа“.

Финскиот претседател Александер Стуб, еден од лидерите вклучени во планирањето, истакнува дека промените веќе се случуваат. „Преносот на товарот од САД кон Европа е во тек и ќе продолжи како дел од американската одбранбена и национална безбедносна стратегија“, изјави Стуб. „Најважно е да се разбере дека тоа се случува и да се спроведе на контролиран и управлив начин, наместо САД нагло да се повлечат“, додаде тој.

Стуб е еден од ретките европски лидери што одржале блиски односи со Трамп. Веднаш откако Трамп претходно овој месец се закани со напуштање на НАТО поради одбивањето на сојузниците да ја поддржат неговата кампања во Иран, Стуб го контактирал за да го информира за европските планови. „Основната порака до нашите американски пријатели е дека по сите овие децении дојде време Европа да преземе поголема одговорност за сопствената безбедност и одбрана“, изјави Стуб.

Со тоа се согласува и германскиот министер за одбрана Борис Писториус. „Јасно е дека ние Европејците мора да преземеме поголема одговорност за нашата одбрана, и тоа го правиме. НАТО мора да стане поевропски за да остане трансатлантски“, изјави Писториус, нарекувајќи ја Алијансата „незаменлива и за Европа и за САД“.

Практични чекори и предизвици

Промената на германскиот став овозможи поширок договор кој сега ги вклучува и Обединетото Кралство, Франција, Полска, нордиските земји и Канада. „Преземаме мерки на претпазливост и водиме неформални разговори со група истомисленички сојузници и ќе придонесеме за пополнување на празнините во НАТО кога тоа ќе биде потребно“, изјави шведската амбасадорка во Германија, Вероника Ванд-Даниелсон.

Дури по активирањето на Берлин, планирањето се насочи кон решавање конкретни воени прашања: кој би раководел со противвоздушната и противракетната одбрана на НАТО, коридорите за засилувања кон Полска и балтичките држави, логистичките мрежи и големите регионални вежби во случај на повлекување на американските офицери. Токму тоа остануваат најголемите предизвици, велат официјални лица.

Вклучените функционери сакаат да ја забрзаат и европската продукција на клучна опрема во области каде Европа заостанува зад САД, како што се противподморничкото војување, вселенските и извидувачките способности, полнењето гориво во воздух и воздушната мобилност. Како пример за нова иницијатива се наведува неодамнешната објава на Германија и Обединетото Кралство за заеднички развој на „стелт“ крстосувачки ракети и хиперсонично оружје.

Еден од клучните аспекти за успехот на планот е и повторното воведување на воениот рок, од кој многу земји се откажаа по Студената војна. „Нема да давам совети на ниту една европска земја, но во смисла на граѓанско образование, национален идентитет и единство, веројатно нема ништо подобро од задолжителниот воен рок“, изјави Стуб, чија земја ја задржа таа обврска.

Прашањето за водство и нуклеарниот чадор

Иако европските напори претставуваат суштински пресврт во размислувањето, реализацијата на овие амбиции ќе биде тешка. Целокупната структура на НАТО е изградена околу американско водство. Врховниот командант на сојузничките сили во Европа (SACEUR) секогаш е Американец, а американските власти порачаа дека немаат намера да ја отстапат таа позиција. Ниту една европска членка нема доволен авторитет да ги замени САД како воен лидер, делумно и затоа што само Вашингтон може да обезбеди нуклеарен чадор на континентално ниво, што е основа на принципот на меѓусебно одвраќање.

Пензионираниот американски адмирал Џејмс Фого, поранешен висок функционер на НАТО, смета дека европеизацијата на Алијансата „требало да се случи и порано“ и дека европските членки имаат способни офицери. „Мислам дека имаат капацитети. Имаат дел од опремата“, рече тој, но додаде дека мораат побрзо да инвестираат и да ги развиваат капацитетите. Транзицијата веќе делумно е во тек – сè поголем број клучни командни позиции во НАТО ги држат Европејци, а многу вежби ги водат европски сили.

Особено големи недостатоци постојат во разузнавањето и нуклеарното одвраќање. Европските функционери велат дека никакво прераспоредување на сили не може брзо да ги надомести американските сателитски, надзорни и системи за рано предупредување, кои ја сочинуваат основата на кредибилитетот на НАТО. Тоа создава притисок врз Франција и Велика Британија да ги прошират своите нуклеарни и стратешки разузнавачки улоги.

Германскиот пресврт го отвори патот и за најчувствителниот елемент на европската одбрана: замена на американскиот нуклеарен чадор. Откако Трамп се закани со инвазија на Гренланд, канцеларот Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон отворија дискусија дали француското нуклеарно одвраќање може да се прошири и на други европски земји, вклучително и Германија.

Се чини дека и самиот Трамп призна дека Гренланд бил пресвртна точка. „Сè почна, ако сакате да ја знаете вистината, со Гренланд“, изјави тој за својата закана за напуштање на НАТО. „Го сакаме Гренланд. Тие не сакаат да ни го дадат и јас реков: ‘Во ред, довидување.’“ Заменик-претседателот на полската влада Радослав Сикорски подоцна објави видео од таа изјава со коментар: „Забележано.“