Веќе извесно време Германија подготвува нови мерки со кои треба да се намали потрошувачката на гас и со тоа да се компензира намалувањето на испораките од Русија. Рускиот производител на гас „Газпром“ минатиот месец ги намали испораките преку гасоводот „Северен тек 1“ поради, како што се вели, доцнење на опремата што беше испратена во „Siemens“ на ремонт.
Но, новиот клучен датум за Германија, но и за Европа, би можел да биде 11 јули, односно овој понеделник. Тогаш е предвидено да започне редовното 10-дневно одржување на главниот гасовод за проток на руски гас кон Европа, пренесе „Блумберг“.
Германија и нејзините сојузници стравуваат дека Владимир Путин би можел да ја искористи оваа можност трајно да ја „затвори чешмата“.
Длабока рецесија
Ако Москва сигнализира дека „Северен тек“ повеќе нема да работи според планираното, германскиот канцелар Олаф Шолц и неговата влада најверојатно ќе активираат вонредни мерки, како што се намалувања на трошоците. Сепак, „Блумберг“ пишува дека ваквиот руски потег речиси сигурно ќе значи длабока рецесија за најголемата европска економија, која ќе има ефекти низ Европа.
„Дали сме загрижени? Да, ние сме многу загрижени“, изјави Кристијан Кулман, извршен директор на германскиот хемиски гигант Evonik Industries AG. „Би било наивно да не се грижиме“, додаде тој.
Со оглед на тоа што Германија добива повеќе од една третина од своите испораки на гас од Русија, и дека нема одржливи алтернативи на краток рок, таквата можност да им наштети на Германија и Европа би можела да биде премногу добра можност за Кремљ да ја пропушти, пишува „Блумберг“.
Мерките за штедење веќе се започнати
Во меѓувреме, стравот од одбивање на рускиот гас во Германија станува се поочигледен. Минхен веќе ја намали температурата во своите јавни базени, Келн ги затемни уличните светла, а Хамбург планира топла вода да биде достапна само за одреден дел од денот.
Германскиот министер за економија Роберт Хабек веќе најави дека сака да ја намали потрошувачката на гас во производството на електрична енергија. Наместо термоелектрани на гас, повеќе електрична енергија да се произведува во термоелектраните на јаглен, предлага тој.
Сепак, дури и ако Русија целосно не го прекине протокот на гас од „Северен тек“, Путин веќе ја оштети европската економија. Според проценките на ING (холандска финансиска институција), еврозоната ќе подлегне на рецесијата без оглед на следниот чекор на Путин во енергетскиот сектор.