Германската амбасада објави важни информации за постапката за виза

од desk4
107 прегледи

Поради низа известувања што во последно време се објавуваат во медиумите во врска со постапката за виза за Германија, германската Амбасада во Скопје соопштува:

„Информациите за нов закон, кој треба да стапи во сила од 01.01.2019 г. и кој на граѓаните од земјите што не се членки на ЕУ ќе им овозможи престој до 6 месеци без работен договор и без работна дозвола во Германија, не се точни. Ве молиме да се информирате на веб страницата на германската амбасада за предусловите и времето на чекање за доделување на работни визи“, стои во соопштението.

Информациите се достапни на веб страницата на германската амбасада на следниот линк.

Дојче веле потсети дека германската влада на 19 декември даде зелено светло за нов предлог-закон за доселување, но тој сѐ уште не стигнал на дневен ред во парламентот во Берлин. Тоа би требало да се случи во текот на оваа година. Новиот предлог-закон има за цел да ја направи Германија поатрактивна за стручњаци кои доаѓаат од земји кои не се членки на ЕУ. Критичарите се жалат поради тоа и велат дека намерата на новите правила била само да се привлечат стручњаци. Затоа, тие бараат планираните измени да важат и за други категории лица.