Германската полиција денеска соопшти дека едно лице е приведено во врска со можен заговор за напад на култната катедрала во Келн на новогодишната ноќ.
Полицијата во неделата приведе пет мажи додека претресувале стан во градот Везел, на околу 100 километри северно од Келн.
Додека четворица од нив подоцна беа ослободени, 30-годишен таџикистанец остана во притвор со цел „да се избегне опасност“, се вели во соопштението.
Окружниот суд ја потврди мерката притвор до 7 јануари на барање на полицијата во Келн.
Полицијата рече дека добила информации кои се релевантни за државната безбедност.
-Ги исцрпуваме сите законски можности да ги заштитиме луѓето, катедралата и претстојните новогодишни прослави, рече во кусото соопштение началникот на полицијата во Келн, Мајкл Есер.
Полицијата соопшти дека нема да даде никакви информации за човекот, ниту за неговата поврзаност со заканата од катедралата поради нивните тековни истраги.
Полицијата во саботата ги зголеми безбедносните мерки во катедралата во Келн поради индиции за можен напад планиран од исламистичка група на 31 декември, дознава ДПА.
Додека верските служби продолжуваат да се одржуваат, катедралата е затворена за туристи до натамошно известување.
Катедралата во Келн, голема туристичка привлечност која се наоѓа веднаш до централната железничка станица во градот, обично ја посетуваат повеќе од 100.000 луѓе помеѓу Божиќ и Нова Година.