Германски експерт: Помладите жени вакцинирани со „АстраЗенека“ изложени на згрутчување на крвта

од Vladimir Zorba

Појавата на многу ретка состојба на згрутчување на крвта кај жени на возраст под 60 години кои примиле вакцина „АстраЗенека“ против Ковид-19 е 20 пати поголема од очекуваната, рече во средата член на германскиот комитет за вакцини, Кристијан Богдан.

Неговите коментари доаѓаат откако Европската агенција за лекови (ЕМА) и британскиот медицински регулатор ја препознаа можната врска помеѓу вакцината „АстраЗенека“ и ретките згрутчувања на крвта поврзани со низок број на тромбоцити. ЕМА изврши детален преглед на 86 случаи на згрутчување на крвта, вклучувајќи 18 смртни случаи.

Повеќето луѓе со згрутчување беа жени, сепак од добиените 34 милиони дози, ЕМА објави само 169 случаи на згрутчување на крвта, што укажува на тоа дека тие се ретки. За споредба, четири жени од 10.000 би добиле тромб поради земање орални контрацептиви.

Богдан не прецизираше колку случаи на згрутчување на крвта може да се очекуваат кај нормалното население, но рече дека поголема преваленца кај една популациска група во одреден временски период е „многу јасен сигнал за ризик“.

„Ние видовме колку случаи се јавуваат во општеството како позадинска инциденца и ги споредивме со случаите забележани помеѓу четири и 16 дена по вакцинацијата“, рече тој на онлајн состанок организиран од Science Media центарот.

„Кога ќе го земете предвид тоа, тогаш ќе дојдете до сооднос што покажува дека има 20 пати повеќе од нив меѓу жени на возраст меѓу 20 и 59 години“, рече тој.

Германскиот комитет препорача минатата недела лицата на возраст под 60 години кои ја примиле првата доза на АстраЗенека да добијат втора доза од друга вакцина.

Здравствените експерти на состанокот на Интернет рекоа дека „потребни се повеќе истражувања за да се открие што може да поттикнува да се формираат тромбови, како и прецизниот механизам што води до нив“.

Слични содржини