Во изјава за германската медиумска група РНД, Писториус истакна дека би било грешка Европа и понатаму „укочено да гледа кон Белата куќа и да чека што ќе се случи“, бидејќи на тој начин се губи фокусот од клучната цел зајакнување на европската независност.
Тој додаде дека американскиот претседател Доналд Трамп во остварувањето на своите цели се служи со политика на неизвесност и страв, но предупреди дека одлуките донесени под таков притисок често се погрешни.
„Оној што се плаши носи лоши одлуки. Затоа нема да дозволиме да бидеме заплашени“, изјави германскиот министер. Писториус нагласи дека, и покрај актуелните тензии, не постојат индикации дека САД би го напуштиле НАТО. Според него, Европа е од големо геостратешко и геоекономско значење за Вашингтон, исто како што и САД се важни за Европа.
Тој предупреди дека евентуално ставање на Европа во сферата на влијание на Русија би значело дека САД би се нашле меѓу Кина и Русија, сценарио кое, како што рече, не е во интерес на никого во Вашингтон.
„Нема никакви знаци дека САД ќе го напуштат НАТО“, заклучи Писториус, додавајќи дека заедничките темели врз кои почива Алијансата остануваат стабилни и покрај последните политички превирања.