Загрижувачка ситуација во Македонија. И пред актуелниот спор имаше знаци за опаѓање на реформската ревност. Западен Балкан во ЕУ е од обостран интерес, вели за Дојче веле Михаел Рот, државен министер за Европа во германското МНР.

ДВ: Каква е Вашата процена за актуелната политичка ситуација во Македонија?
М. Рот: Таа е многу загрижувачка. Поранешната југословенска Република Македонија веќе со години има кандидатски статус. Би сакал конечно да има напредок во спорот околу името. Но, сега тоа не е најголемиот проблем. Девизата е: колку е порешителна готовноста за исполнување на централните содржини од Европската заедница на вредности – во што спаѓаат и независноста на медиумите и на правосудството, како и владеењето на правото – толку побргу води патот во насока кон ЕУ.
Но токму најновата политичка криза во земјата покажува како Македонија да свртува од тој пат. Што мора да биде сторено, за таа повторно да се движи во насока на приближување кон ЕУ?
Итно неопходно е најбргу што може да се реши конфликтот и да се испитаат потеклото, како и содржината на снимките на телефонските разговори. Комесарот за проширување на ЕУ Хан предложи посредување меѓу владината и опозиционата партија од страна на европратеници и европски институции. Ние ја поддржуваме таа иницијатива. Но, и пред актуелниот спор имаше знаци за опаѓање на реформската ревност. Тука е важно сите одговорни во политиката да останат упорни и да го дадат својот придонес за приближување кон ЕУ.
Внатрешно-политичките тешкотии се во моментов главен проблем на земјата. Но, како пречка на патот кон ЕУ останува и нерешениот спор со Грција околу името. Како би можел да изгледа зародишот на некое решение?
Нерасчистениот спор околу името ја спречува евроатлантската интеграција. Поради тоа ние ги повикуваме обете страни, во рамки на посредништвото од ОН и со нужната готовност за компромис, конечно да се заложат за решение.