Ѓилас: Меркел го донесе Вучиќ на власт, сега нека си го земе со себе

од Vladimir Zorba
306 прегледи

Германската канцеларка Ангела Меркел го донесе Александар Вучиќ на власт во Србија, го поддржуваше цело време и сега кога тој ја напушта политиката, би било фер да го земеме со себе, оцени денеска претседателот на српската Партија на слободата и правдата Драган Ѓилас.

На прес -конференција пред зградата на претседателот на Републиката, Ѓилас оцени дека Меркел е историска личност, која ја одбележа епохата во Германија и Европа, зад која ќе останат многу работи, но нејзино наследство се и Виктор Орбан, Јанез Јанша и Александар Вучиќ.

-Ако ме прашувате мене – најмногу Вучиќ. Со нејзината поддршка, тој дојде на власт, можам да кажам дека таа го донесе на власт. Кога Борис Тадиќ, кој седеше во истата зграда, одби да ја повлече српската полиција од северот на Косово за време на нејзината посета, Вучиќ рече – јас ќе го сторам тоа, илустрираше Ѓилас.

Според него, Вучиќ го препуштил судството на косовските институции, а потоа и електричните мрежи и регионалниот код.

За возврат, додава Ѓилас, Меркел и поголемиот дел од Европа „замижале“ на уништувањето на институциите, демократијата, како и односот кон луѓето кои слободно размислуваат и кои се за Европа.

-Стабилноста им беше важна и можеме да видиме до каде стигна таа стабилност овде и во целиот регион, рече Ѓилас, кој очекува социјалдемократите да победат на германските избори на 26 септември.

-Очекувам нова влада на Германија, која навистина ќе се занимава со цела Европа и овој регион, рече тој и посочи дека целиот регион, вклучително и Србија, треба да работи заедно со ЕУ.

-Ако не сакате, тогаш престанете да ги усвојувате извештаите на Европската комисија и Европскиот парламент кога нема последици за оние што ги кршат европските норми, смета Ѓилас.

Убеден е дека новата германска влада, составена од социјалдемократи, зелени и либерали, како поборници за проширување на ЕУ, ќе има поинаков пристап.

Слични содржини