Гир: Во изборниот период важно е медиумските актери да известуваат на непристрасен начин

од Stefanija Kuzmanovska
192 прегледи

Во изборниот период важно е сите медиумски актери да известуваат на отворен и непристрасен начин, со цел на јавноста да ѝ бидат достапни точни информации. Кандидатите на политичките партии треба да бидат презентирани на јасен начин и да има отворена дебата. Дезинформациите, лажните вести и другите форми на манипулација да бидат решени на брз и законски начин, порача евроамбасадорот Дејвид Гир.

Тој на денешниот промотивен настан „Важноста на функционирањето на Јавниот радиодифузен сервис за демократијата во Европа“ што се одржа во Скопје, посочи дека постоењето на слободни и независни медиуми е од суштинска важност за секоја демократија.

Настанот е дел од Твининг проектот „Зајакнување на капацитетите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и јавниот сервис“ финансиран од ЕУ, кој го спроведува Германската фондација за меѓународна правна соработка во партнерство со Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Јавниот сервис.

„Целта на денешниот настан е зајакнување на јавниот радиодифузен сервис и медиумскиот регулатор. Ова се поклопува со препораките што се содржани во Извештајот за Северна Македонија за 2023 година од страна на Европската Комисија, во кој беше наведено дека се потребни дополнителни мерки за зајакнување на финансиската стабилност и независност како на медиумскиот регулатор, така и на јавниот радиодифузен сервис“, рече Гир.

Истовремено, како што посочи, во Извештајот се упатуваат и критики за неизвесноста на развојот на овие две институции како резултат на привремени мерки кои се усвојуваат од година за година, а оваа ситуација продолжува и во 2024 година.

„Постоењето на слободни и независни медиуми е од суштинска важност за секоја демократија. Потребно е обезбедување отчетност, посочување на погрешно постапување и информирање со точни и навремени информации на јавноста. Ова особено важи за јавниот радиодифузен сервис и медиумскиот регулатор, кои постојат во медиумска средина која денес брзо се менува. Постојат разни закани денес, кои се незамисливи за луѓето од пред една генерација. Ова се должи на интернетот и социјалните медиуми, како и на новите технологии“, додаде Гир.

 

Слични содржини