Ѓоковиќ и Кустурица на удар на режимот: Од национални херои до државни непријатели

од desk2
50 прегледи

Некогаш фалени бескрајно во провладините таблоиди – најдобриот тенисер на светот Новак Ѓоковиќ и славниот режисер Емир Кустурица – сега станаа главни државни непријатели само затоа што ги поддржаа студентите, анализира српскиот весник „Данас“.

Против нив се води остра кампања и во прорежимските медиуми, се обвинуваат за шарени револуции и им „се пакуваат“ афери.

На телевизијата „Информер“ Драган Ј. Вучиќевиќ изнесе куп навреди упатени до Емир Кустурица поради неговата поддршка на студентите и затоа што побара да се пуштат приведените учесници на протестот во Ужице, а покрај тоа го обвини и дека е дел од „шарената револуција“.

Со таблоидите што постојано го напаѓаат Новак Ѓоковиќ и ги слават неговите порази на тениските турнири, семејството Ѓоковиќ, барем индиректно, го нападна и Бранко Бабиќ (познат на јавноста како „кралот на веѓите“), пишува Н1.

Бабиќ постави видео на наводен педофил којшто тврди дека е пријател на Срѓан Ѓоковиќ, со натпис: „Најстрашно видео! Ѓоковиќи наскоро ќе се огласат…. Се надевам“.

Режимот злоупотребува угледни личности

Раде Велјановски, професор во пензија од Факултетот на политички науки за „Данас“ нагласува дека режимот „се однесува амбивалентно“ кон Ѓоковиќ и Кустурица.

„Јасно е дека тоа е една од особините на овој сегашен режим, оваа власт – злоупотреба на угледни личности. Се обидуваат на различни начини, или со пофалби или со некакви нематеријални поддршки на нивните проекти и нивно ангажирање, да ги придобијат на своја страна и тоа во еден подолг временски период и успеваа, со Кустурица и Новак Ѓоковиќ“, укажува Велјановски.

Потсетува дека Кустурица добиваше поддршка за своите проекти во Дрвенград и дека Ѓоковиќ исто така добивал поддршка за тениски турнир на тенискиот терен „Милан Гале Мушкатировиќ“.

„Па дури и народот сфати дека тоа е центар на Ѓоковиќ, дека тој е сопственикот, дека државата му го подарила нему. Тоа можеби така и би било да останеше Ѓоковиќ на тој став. Некогаш на овие двајца луѓе се угледуваа сите, а сега за двајцата има различни мислења, но генерално земено, тие имаат свој углед во општеството, и во наши и во меѓународни размери. Еден е Кустурица како режисер, културен деец, а Ѓоковиќ како еден од најпознатите и најуспешните спортисти на светот“, истакнува Велјановски.

Тој оценува дека од моментот кога тие ја сфатиле суштината на режимот и почнале да се однесуваат критички кон него, режимот станал спремен потполно да ги уништи, да ги фрли во прашина, за нив да зборува сѐ најлошо.

„Кога се во прашање личности што објективно постигнале одредени успеси во која било област на дејствување, режимот не може да ги поништи нив. Мислам, тоа се личности што ќе постојат и покрај волјата на режимот и покрај тоа дали режимот ги прифаќа или не ги прифаќа, но тоа повеќе зборува за режимот отколку за тие луѓе. Во свое време тие биле во добри односи со режимот, што со сигурност може да им се замери, ама сепак е добро што на крајот сфатиле како се однесува режимот“, објаснува Велјановски, нагласувајќи дека третманот на познатите повеќе зборува за режимот отколу за нив.

Парандиловиќ: Новак јасно застана покрај студентите – затоа е сатанизиран
Милош Парандиловиќ, пратеник и претседател на „Новото лице на Србија“, за Данас наведува дека режимот на Српската напредна партија е спремен да нападне кого било без оглед на неговата биографија, успеси или стручност, ако тој избере да мисли слободно и да го поддржи процесот на незапирливи промени што се случуваат во Србија.

„Не зачудува што луѓе што немаат ни срам ни перде го напаѓаат можеби најголемиот амбасадор на Србија во странство, бидејќи тие од друга страна го имаат несреќниот Марко Ѓуриќ, Кебара и Шутановац во Министерството за надворешни работи. За нив Пупин и Тесла би биле усташки шпиони и американски платеници, кога би биле живи сега, подготвени се да ги прогонуваат сите што не климаат со глава на нивните наредби“, нагласува Пандиловиќ.

 

Слични содржини