Ѓорѓиевски: На Скопје веќе не му се потребни експерименти, туку работа

Кандидатот за градоначалник на град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски вечерва потенцираше дека ветувањето за чисто Скопје во рок од 72 часа е реално и остварливо.

од Vladimir Zorba
16 прегледи

Кандидатот за градоначалник на град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски вечерва потенцираше дека ветувањето за чисто Скопје во рок од 72 часа е реално и остварливо.

Тој ги повика граѓаните во недела масовно да излезат на гласање и да го дадат својот гласа за него, бидејќи како што кажа на Скопје веќе не му се потребни експерименти туку работа.

– Јас стојам зад тоа што сум го ветил дека градот може за 72 часа да биде чист, убеден сум дека 117 камиони има, а само 17 се исправни, 46 има метлачки и камиони за перење на улици, а само 6 се исправни, имам добар план и визија како ќе го направам тоа, рече Ѓорѓиевски во дебатата со кандидатот за градоначалник на Левица Амар Мециновиќ.

Освен градските и општинските власти, Ѓорѓиевски рече дека и граѓаните и општествено одговорните компании ќе помогнат во овој процес.

– Одговорно тврдам со општествено одговорни компании со помош на нашите колеги не само во Скопје, туку надвор од Скопје, добро ќе биде исчистен градот не само на микролокациите туку секаде, и конечно исто така после долги години за прв пат ќе ги испереме улиците, рече Ѓорѓиевски.

Како градоначалник на Кисела Вода, потенцираше меѓу другото Ѓорѓиевски, локалната самоуправа спречи изградба на 99 згради во Расадник.

– ДУП-от нема да се носи на начин на којшто планираа да се носи да се изградат 99 згради, ако е болката таму поради тоа што нема 99 згради додека не бидам градоначалник, ќе биде и понатаму тоа болка затоа што нема да има урбанизација и бетонизација како што тие планираа да има, истакна Ѓорѓиевски.

Говорејќи за хигиената, тој дополни дека без оглед на тоа што надлежните институции не ја работеле својата работа, од 3 ноември сликата ќе биде поинаква.

Што се однесува на микролокациите тоа е работа и надлежност на Комунална хигиена, додаде тој, но истакна дека тоа ќе биде решено со реорганизација на комуналната хигиена.

Слични содржини