Кандидатот за градоначалник на Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски верува дека ќе победи уште во првиот круг на изборите закажани во недела. Ваквото верување, Ѓорѓиевски го темели на она што го има сработено изминатите четири години како градоначалник на општина Кисела Вода.
– Убеден сум дека ќе ја добијам поддршката и очекувам победа во првиот круг земајќи предвид дека имам сериозно сработено зад себе изминатите четири години и имам сериозен кредибилитет да ја побарам поддршката од граѓаните. Искрен да бидам очекувам победа уште во првиот круг, рече Ѓорѓиевски на првото вечерашно телевизиско соочување со неговата противкандидатка од СДСМ Каја Шукова.
Вели дека самостојно ќе одлучува и нема да дозволи сугестии од никого.
– Приоритет секогаш ќе ми бидат граѓаните како што тоа го правев во Кисела Вода изминативе четири години. Покажав дека единствениот интерес којшто го штитам е интересот на граѓаните. Тоа значи самостојно управување и преземање на чекори кои ќе бидат единствено во полза на граѓаните. Мицкоски никогаш не ми сугерирал за одредена ситуација. Секогаш како премиер на Владата бил насочен да помогне за реализација на одредени проекти, но да ми сугерира, прво јас не сум таков карактер. Јас сум возрасен човек и никој не може да ми сугерира освен граѓаните, рече Ѓорѓиевски.