Ѓубрето ќе се собере, вработените од „Комуналец“ се враќаат на работа

од Nikola Popovski

Вработените од втора смена на Комунална хигиена веќе денеска ќе продолжат со извршување на работните задачи и ќе почнат со собирање на сметот со кој со денови е затрупан главниот град. Ова е договорено на денешната средба меѓи СУТКОЗ и Извршниот одбор на Синдикалната организација на „Комунална хигиена“.

Се донела одлука револтот на вработените да продолжи да се манифестира преку синдикалците и да се искористат други законски права што ги имаат со цел граѓаните на Скопје да не трпат поради, како што велат, игнорантскиот однос на менаџментот на претпријатието во однос на решавање на проблемите на вработените во „Комунална“.

Договорен е дополителен состанок на синдикалната организација на кој ќе се прецизираат следните чекори во однос на проблемите што ги имаат вработените во ЈП Комунална хигиена.

Советот на Скопскиот плански регион утринава на итна седница одлучи да побара од скопската администрација извештај за претпријатието „Комунална хигиена-Скопје“ и веднаш да преземе мерки за решавање на проблемот со преполните, неисчистени контејнери за смет и самите општини да ја преземат механизацијата за одржувањето на хигиената во главниот град.

Предлозите на 12-те градоначалници кои беа присутни на средбата, кои имаа прес-конференција по нејзиното завршување, испратија до Владата на Северна Македонија да интервенира доколку проблемот не може да се реши на ниво на град Скопје. На средбата не присуствуваа градоначалничката на Скопје Данела Арсовска и градоначалникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски.

-Јавното претпријатие „Комунална хигиена-Скопје“ да се распушти, а обврските околу собирањето смет да ги преземат градоначалниците на општините. За ова се разговараше и пред протестот на работниците во „Комунална хигиена-Скопје, рече Горан Герасимовски.

Проблемот со преполните контејнери за смет во Скопје започна пред неколку дена, кога вработените во „Комунална хигиена-Скопје“ протестираа и ги запреа камионите на претпријатието со барања за повисоки плати и враќање на работа на нивните отпуштени колеги. Две ноќи по ред имаше тензија и полициска интервенција пред зградите на претпријатието.

Слични содржини