Ѓубривата скапи и ги нема – ако војната потрае ќе останеме без храна

-Вреќа од 25 килограми чинеше 600 денари, а сега чини 1.000 денари. Македонија е увозно зависна и немаме домашно производство на азотни ѓубрива, поради што нарушеното снабдување и високите цени директно го погодуваат домашното производство на храна, објаснува Димитриески од Националната земјоделска мрежа за „Локално“

од Nikola Popovski
26 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Ѓубривата значително поскапуваат, а снабдувањето со нив е сериозно загрозено поради војната на Блискиот Исток, што дополнително го засилува ударот врз земјоделскиот сектор по неодамнешниот раст на цената на нафтата. Земјоделците, во пресрет на пролетната сеидба, се загрижени дека нема да можат да ги обработат нивите, бидејќи покрај поскапувањето на ѓубривата, високи се и цените на хемиските препарати, горивото и останатите земјоделски материјали.

Експертите предупредуваат дека ако цените на ѓубривата продолжат да растат, тоа може да доведе до намалени приноси и поголеми трошоци за земјоделците, а со тоа и до поскапа храна за граѓаните.

Диме Димитриески/Фото: НЗМ

– Сега е период на зголемена земјоделска активност. Почнуваме со садење на повеќе култури, но со вакви цени, тешко дека ќе успееме да ја започнеме сеидбата. Покрај ниската откупна цена, се соочуваме со повеќе проблеми скапа нафта, скапи ѓубрива, скапи препарати за заштита… Вештачките ѓубрива се поскапени од 10 до 40 отсто. Претходно, вреќа од 25 килограми чинеше 600 денари, а сега чини 1.000 денари. Македонија е увозно зависна и немаме домашно производство на азотни ѓубрива, поради што нарушеното снабдување и високите цени директно го погодуваат домашното производство на храна, објаснува Диме Димитриески од Националната земјоделска мрежа.

Тој додава дека 90 отсто од азотните ѓубрива се увезуваат од Србија и Бугарија и дека засега ги има во земјоделските аптеки, но прашање е до кога.

– Освен азотното ѓубриво, зголемена е и цената на комбинираното – НПК ѓубриво, кое се користи за сите земјоделски култури бидејќи обезбедува сите главни хранливи елементи за растенијата азот, фосфор и калиум. Во земјоделските аптеки се уште може да се најде, но цените се многу повисоки од лани. Набавувачите велат дека секоја наредна пратка од Србија и Бугарија им е за 100 денари поскапа, па така во краток период набавната цена се зголеми за 30 отсто, појаснува Димитриески.

Вештачки ѓубрива-Фото: Принтскрин/Јутјуб

Владимир Лабачевски, сопственик на земјоделската аптека „Агромедика“, истакнува дека цените се зголемени за 100 до 150 денари од вреќа, а снабдувањето е нарушено поради војната на Блискиот Исток.

Фото: Фејсбук/Приватна Архива

– Оттаму доаѓа најголем дел од азотните ѓубрива, а засега се покриваме со залихите кои ги имаме, но тие се трошат. Побарувачката е зголемена поради пролетната сеидба и незнам до кога ова ќе трае, додава Лабачевски.

Тој додава дека нема недостиг на препарати, но и нивните цени се зголемени.

Земјоделците апелираат до државата за поддршка и итни мерки за обезбедување стабилно снабдување со ѓубрива, за да не се загрози пролетната сеидба и производството на храна.

Б.С.

Слични содржини