Ѓурчевски: Безбедносните структури кои се инфилтрирани во службите продаваат државни тајни

Безбедносната конспиративност со години наназад е сериозно нарушена, атентатот врз Глигоров е најдобар показател изјави за „Локално“ Ѓурчевски

од Марта Пешевска
192 прегледи

Безбедносен скандал во Македонија повторно ја отвори темата за составот и улогата на личното обезбедување на државниот врв. Случајот со Ангел Самараков, дел од личното обезбедување на премиерот Мицкоски, кој бил фатен како оддава доверливи информации на лица од скопската населба Грчец, која е позната по присуството на организирани криминални групи одекна во јавноста. Но ова не е единствен случај кој исплива на површина. Само неколку месеци претходно, шефот на обезбедувањето на Мицкоски, Ивица Б., физички нападнал колега полицаец кој извршувал службени дејствија во раните утрински часови. Според тогашните информации, полицијата се подготвувала да изврши претрес во познат скопски локал за кој постоеле сомнежи дека е поврзан со трговија со дрога.

Во врска со низата безбедносни недоследности и пропусти „Локално“ побара став од безбедносниот експерт и поранешен началник во МВР Лубомир Ѓурчевски. Според началникот најновиот случај на протекување службени тајни во Министерството за внатрешни работи е уште еден доказ за лошата состојба во безбедносниот систем во Македонија. Тој посочи дека истрагите за коруптивни и криминогени структури мора да бидат приоритет, не само во МВР, туку и во другите безбедносни служби, како што се Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Агенцијата за разузнавање и военото разузнавање. Тој нагласи и дека е неопходно поголемо внимание при регрутирањето и распоредувањето на полициските службеници, особено оние што имаат пристап до доверливи информации. Според него, позициите во секторот за обезбедување на ВИП личности носат голема одговорност и ризик, па затоа мора да се внимава кој се назначува на овие места.

„ Често пати сум зборувал за конспиративноста во работењето на сите безбедносни служби, така што и овој последен случај е показател за состојбата. Вчера беше откриено и објавено дека против член на обезбедувањето на премиерот, односно вработен во Министерството за внатрешни работи, е поднесена кривична пријава за одавање службена тајна. Причината за ова е руинираноста на безбедносниот систем во изминатите две децении. Често се прашуваме кој ги пробива службените тајни и истрагите, а ваквите случаи мораме да ги сфатиме многу сериозно. Ни претстои период во кој мора да се расчисти сè што е коруптивно и криминогено, не само во МВР, туку и во сите безбедносни служби, вклучувајќи ги АНБ, Агенцијата за разузнавање и военото разузнавање. Ситуацијата е дојдена до точка кога истрагите се неизбежни. Во последните месеци се отвораат сè повеќе случаи, што покажува дека конечно се преземаат чекори за расчистување со криминогените структури кои се инфилтрирани во овие служби. Дел од тие структури се позиционирани на клучни места, а особено загрижува фактот што распоредувањето на полициски службеници во секторот за обезбедување на ВИП личности е висока позиција во полицијата. Оваа позиција овозможува пристап до важни информации и службени тајни, поради што мора да се внимава кој се регрутира, поставува и назначува да работи на чувствителни и значајни позиции“ изјави Ѓурчевски.

 

Ѓурчевски предупреди дека мора да се направи целосна анализа и детална проверка на лицата кои се ангажирани во безбедносните структури, особено оние што се одговорни за заштита на највисоките државни функционери. Тој нагласи дека случајот не смее да заврши само со кривична пријава против осомниченото лице, туку мора да се спроведе сериозна анализа на целиот сектор.

„Треба да бидеме внимателни и да се направи целосна анализа за тоа кој е распореден и вработен во безбедносните структури. Потребна е опфатна проверка, во која треба да биде вклучена и Агенцијата за национална безбедност (АНБ), бидејќи мора да бидеме исклучително претпазливи кога е во прашање државниот врв – било да станува збор за министрите, претседателот на државата, а особено министрите за надворешни работи, одбрана, како и самиот премиер.Затоа укажувам на фактот дека треба да се спроведе сериозна анализа, а не само да се заврши со кривична пријава против осомниченото лице и преземање на случајот од страна на Јавното обвинителство за организиран криминал. Процесот ќе продолжи, но мора да се направи и посериозна селекција во рамките на секторот, како во однос на лицата, така и на објектите“ објаснува Ѓурчевски.

Ѓурчевски предупредува дека нарушувањето на безбедносната конспиративност не е нов проблем, туку нешто што се случува со години. Тој потсети и на атентатот врз претседателот Киро Глигоров, нагласувајќи дека е клучно да се утврди кој ги оддал движењата на претседателот тогаш, исто како што денес е важно да се заштити движењето на премиерот и другите високи функционери. Според него, потребна е детална истрага и засилена контрола врз сите лица кои имаат безбедносни сертификати и пристап до доверливи информации. „Мора да бидеме внимателни и да продолжиме со темелна проверка на сите кои имаат пристап до државни тајни,“ заклучи Ѓурчевски.

„Ние имавме во минатото продавање на податоци од истраги. Ако се сеќавате, во времето на “бомбите”, кога во јавноста беа објавувани прислушуваните материјали, се изврши упад во службите со оддавање на службена тајна во врска со следење на комуникациите. Ова укажува на тоа дека години наназад имаме нарушена безбедносна конспиративност. Исто така, тука е и тезата за тоа кој го издаде движењето на претседателот Глигоров кога беше извршен атентатот – кој смееше и кој можеше да ги знае маршрутите на движењето на претседателот на државата, или пак на премиерот или на било кој друг. Затоа велам дека конспиративноста со години наназад е спуштена на толку ниско ниво што луѓето почнаа да прават бизнис со криминални структури. И пазете, трагедијата може да биде уште поголема, ако во сето ова се вмешани и странски разузнавачки служби, бидејќи тие се особено заинтересирани за такви податоци со државни тајни, до кои пристап имаат само службеници со посебни овластувања. Затоа мора да бидеме многу внимателни и потребна е голема истрага. Понатаму треба да се продолжи со контрола и проверка на сите лица кои имаат сертификати и пристап до државни тајни“ завршува Ѓурчевски.

Д.Ѓ

Слични содржини